Македа: Сега не е приоритет двомечот против Вардар! (ВИДЕО)

фото: твитер

Шпанскиот десен бек и екс член на македонскиот и европски шампион вели дека важно е да се следат препораките во борбата против коронавирусот.

Поранешниот играч на македонскиот и европски ракометен шампион Вардар, Хорхе Македа во интервјуто за официјалниот сајт на ЕХФ зборуваше за моменталната ситуација со коронавирусот.

Шпанецот кој со Вардар успеа во 2017 година да ја освои титулата во Лигата на шампионите, сега ги брани боите на унгарскиот клуб Пик Сегед во чии редови игра уште еден поранешен Вардарец, Жоан Канелјас. Шпанија е една од најпогодените земји од коронавирусот.

– Јас и моето семејство сме добро. Многу е важно да се следат препораките. Тешко се доживува ова однадвор, од далечина. Нашите семејства се далеку и не можеме да ја чувствуваме блискоста. Во Унгарија, мерките не се исти како во Шпанија, каде што се посилни и порестриктивни. Тешко е кога гледате вести за тоа што се случува на телевизија – вели десниот бек Македа кој е во Унгарија со неговата сопруга, Макарена Агиљар, поранешна шпанска ракометарка.

Македа заедно со сегашниот Вардарец Данил Шишкарев од наредната сезона ќе ги бранат боите на унгарскиот Веспрем во чии редови пак игра нашиот репрезентативец Дејан Манасков.

Едни го поминуваат времето со гледање серии, „Нетфликс“, преку различни предизвици, а Македа како што може да се види на видеото прави вежби со цел да остане во форма.

Неговиот Пик Сегед во осминафиналето од Лигата на шампионите требаше да ги одмери силите против актуелниот шампион Вардар, но овие мечеви се одложени поради пандемијата.

ЕХФ најави нови датуми, па така првиот дуел во Скопје се очекува да се одигра на 3 или 4 јуни, додека реваншот на 6 или 7 јуни 2020 година на теренот на противникот. До 15 мај е крајниот рок за ЕХФ да ги откаже натпреварите од Топ 16.

Дали размислува на овие два натпревари против нашиот првак, Македа одговори:

– Не, навистина. Со оваа ситуација, последното нешто што го имате на ум се натпреварите. Сите размислуваме да го победиме коронавирусот и сите да бидат здрави. Се разбира, на тоа ќе размислувате кога ќе се вратите на тренинг, но сега натпреварувањето не е приоритет – додаде Шпанецот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот