Мајката на Боки 13 со потресно писмо: Бојан утре оди на операција на желудникот, а за изживувањето, малтретирањето и тортурата кон него одговорност мора да има!

Бојан Јовановски / Фото: Архива на „Слободен печат“

Родителите на осуденикот Бојан Јовановски, Јасминка и Миле Јовановски во писмо до медиумите алармираат за сериозната здравствена состојба на нивниот син кој ја издржува затворската 9-годишната казна за случајот „Рекет“ во затворот Идризово и побараа одговорност за нечовечко однесување и тортура кон него. Според објавата на мајката, на Бојан му престои операција за отстранување на желудникот после која тој ќе има траен инвалидитет. Според документот кој тие го испратија, Бојан Јовановски вчера бил примен во Ургентниот центар на болницата Св. Наум Охридски, каде е констатирано дека е во тешка здравствена состојба и дека не биле почитувани претходните лекарски препораки за да не дојде до „непосакуваната и ризична операција“, и неговата операција веќе е закажана во петок, во 10 часот во оваа болница, како неодложна.

-Првично изразуваме сериозна загриженост како родители за актуелната здравствена состојба во која се наоѓа Бојан, а како граѓани на оваа држава во најблага форма кажано се чувствуваме згрозени и огорчени од организираната тортура и линч кои му се случуваат на Бојан целиот овој период, на него лично, а и на целото наше семејство како рефлексија од омразата, нечовечноста и антагонизмот кон Бојан. Ве информирам дека за целиот овој период од почетокот на кривично-правните процеси против Бојан па се до денес се немам огласено ниту еднаш во јавност, не од причина дека немам што да кажам, напротив и како негова мајка и како професионалец во областа на правото, како истакнат правник со повеќе од 30 годишно работно искуство имам многу да зборувам за здруженото НЕПРАВО кон Бојан, за максимата на човечкото лицемерие, за сите атакувања, етикитирање и ниски удари кои што сме ги добиле во целиот овој период. Сум била воздржана, но повеќе самата актуелна состојба со животот и здравјето на Бојан тоа не ми го дозволуваат, бидејќи врз него ќе биде извршена операција тотална гастректомија, односно целосно отстранување на витален орган желудник, со што ќе настапи траен инвалидитет на мојот син Бојан. Од тие причини со целиот мој морален и професионален дигнитет и се обраќам на јавноста преку ова јавно соопштение и немам за цел да предизвикам чувство на сожалување, туку единствено да порачам дека од овој момент преку сите законски инструменти предвидени со домашното и меѓународното законодавство ќе се борам заедно со мојот сопруг преку нашите правни полномошници против злото и неправдата која му е сторена на Бојан и на тој начин директно му е загрозен неговиот живот, пишува мајката на Бојан, Јасминка Јовановска.

Извештај од прегледот на Бојан Јовановски во болницата „Св. Наум Охридски“ на 15.03.2023

Таа смета дека животот на нејзиниот син Бојан е донесен до крајна црвена линија и согласно последните медицински наоди и извештаи, операцијата која ќе се изврши е неизбежна и е со висок ризик по неговиот живот.

-Се работи за операција со неизвесен исход после која операција повторувам дека Бојан ќе има траен инвалидитет. Па оттука, заради сето ова сите инволвирани лица кои системски, свесно со сторување и несторување здружено и со намера му го сторија ова неправо на Бојан ќе мораат да понесат кривична одговорност и да бидат најстрого санкционирани. За ова изживување, малтретирање и тортура кон Бојан одговорност мора да има! Како мајка и родител, на ниедна мајка и родител не им го посакувам ова пеколно и злосторничко однесување кон било чие дете, затоа упатувам апел до јавноста, за човечноност и разумност во овие чувствителни моменти од причини што Бојан е мета на најголемиот јавен говор на омраза сите овие години, а никој не понел одговорност за таквиот отворен и директен говор на омраза, каде со најпогрдни зборови, навреди и пцовки се опишувало името на Бојан, а за воља на вистината ниту еднаш досега ниедна организација за борба на човековите права не изнела јасен став, не ги осудиле ваквите појави и не застанале во одбрана на правата на Бојан, ниту барем декларативно, а Бојан е флагрантен пример за повреда на човековите права!, тврди неговата мајка.

Таа најавува кривични пријави против повеќе лица за кои смета дека се вмешани во случајот со Боки 13, кои, според неа дејствувале „свесно и со намера, поради одмазда и по нарачка“.

-Поради организирано и здружено делување и соизвршување од безобѕирна одмазда, користољубие и по нарачка, под сомнение за сторени повеќе кривични дела ќе бидат поднесени кривични пријави за лица од правосудството, органи на извршната власт и здравствени работници кои заеднички, здружено, свесно и со намера, секое од пријавените лица со одделни и поврзани дејствија на сторување, ги сториле делата за кои ќе биде иницирана кривична постапка од нас, како подносители, родителите на Бојан Јовановски, Јасминка и Миле Јовановски пред надлежното јавно обвинителство. Пред надлежен јавен обвинител ќе бидат образложени сите наводи и кривичните пријави ќе бидат поткрепени со цврсти докази. Одговорност за целото нанесено зло и за сите инволвирани лица кои се директно одговорни за оваа ситуација, ќе има, без исклучок! Нашата борба ќе биде до крај, се до конечна правда, за која правда сум се борела и работела цел работен век во областа на правото, без ниедна морална и професионална дамка со целиот мој изграден морален и професионален интегритет. Во прилог на ова соопштение ви го испраќаме последниот специјалистички извештај со кој Бојан се упатува на оперативен зафат тотална гастректомија, односно целосно отстранување на витален орган желудник, пишува во писмото потпишано од родителите Јасминка и Миле Јовановска.

Борјан Јовановски неодамна на обвинителството му понуди доказен материјал од над милион дигитални фајлови кои се однесуваат на  „лица и настани поврзани со коруптивни, казниви дела и криминални дејствија во највисоките државни структури од сферата на политиката, правосудството, бизнис-елитата и други лица кои биле во заедничка корелација на сторување“. Кривично – правната операција со кодно име „Бумеранг“ која се темели на милион и 150 илјади фајлови со податоци во кои се содржани аудио снимени разговори, транскрипти, пораки, остварени телефонски комуникации, видео и фотографски записи, т.н. “бомби” ќе го работи посебен тим од ОЈО за гонење на  на организиран криминал и корупција, веројатно откако Бојан Јовановски ќе се опорави од утрешниот хирушки зафат за д може да даде исказ. За неговото барање итно да му се прекине издржувањето на затворска казна во КПУ Идризово, Јовановски минатата недела ја извести и американската амбасадорка Анџела Агелер.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот