Боки 13 бара термин за сослушување и доставување докази за предметот „Бумеранг“ во Обвинителството

Бојан Јовановски-Боки 13 / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Правниот тим на осуденото лице Бојан Јовановски која најави мега случај наречен „Бумеранг“ вчера поднесе барање за определување на термини за доставување на докази и сослушување на подносителот  Јовановски пред надлежниот обвинител по оформениот предмет од јавниот обвинител Ислам Абази во Основното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

-Поради итноста, но  истовремено и поради целисходноста и ефикасноста на започнатата кривично-правна операција со кодно име „Бумеранг“ ја информираме јавноста дека од наша страна за почеток на овој процес ќе бидат побарани однапред определени и утврдени повеќе термини со оглед на обемноста на доказниот материјал. Квалитативната обработка на материјалот, доказите ќе се врши исклучиво во присуство на подносителот Бојан Јовановски и на неговите полномошници, адвокати, соопштуваат полномошниците на подносителот Бојан Јовановски , м-р. Владимир Туфегџиќ и Сашко Дукоски, адвокати од Скопје.

Тие, во денешното соопштение укажуваат на добиени закани, уцени и заплашувања од страна на „центри на моќ“ кои се обидувале да го попречат започнатиот процес под кодно име „Бумеранг“.

-Поради чувствителноста, карактерот и сериозноста на отпочнатиот процес со кодно име „Бумеранг“ апелираме до јавноста дека истиот ќе се врши транспарентно во име на високиот степен на јавниот интерес. Гласно укажуваме до центрите на моќ кои веројатно се директно засегнати од овој процес да не вршат притисоци, да не упатуваат директни и индиректни закани и да престанат со незаконски дејствија на уценувања и заплашувања со цел да го спречат и попречат започнатиот процес „Бумеранг“, секако дека ваквите погоре опишани дејствија од центрите на моќ беа очекувани за нас, но недвојбено истакнуваме дека ништо од сето тоа нема да ја спречи реализацијата на кривично-правната операција „Бумеранг“ и дека во одреден момент доколку продолжи трендот на притисоци, закани, уцени, засегнатите страни ќе добијат соодветен одговор за нивните незаконити дејствија кои ИНТЕНЗИВНО И ЗАДКУЛИСНО се случуваат изминатите денови од кога е јавно објавено започнувањето на процесот , соопшти правниот тим на Бојан Јовановски.

Тие упатија и повик до меѓународниот фактор за да го следат со внимание отпочнатиот процес и во рамки на своите надлежности да дадат свој позитивен придонес кон реализација на процесот, „во име на императивната заложба за владеење на правото и во име на фактот што во изминатите години токму од меѓународната заедница се вложени големи финансиски средства во државата и правосудните институции за подобрување и прогрес на правото и правната држава“, нагласуваат од правниот тим.

Бојан Јовановски кој е на издржување на деветгодишната затворска казна за случајот „Рекет“ преку правниот тим најави доставување на обемен материјал и доказите од милион и 150 илјади фајлови со податоци во кои се содржани аудио снимени разговори, транскрипти, пораки, остварени телефонски комуникации, видео и фотографски записи, т.н. “бомби” и побара формирање на посебен тим за работа и процесуирање на кривичните пријави за ефикасно и правилно постапување по предметот, а шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази за целата постапка назначи друг обвинител кој ќе го преземе случајот.

Поднесокот од адвокатите на Бојан Јовановски до ОЈО

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот