Боки 13 подготвен да ги активира „бомбите“ пред обвинителот Абази

Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кој е на издржување на деветгодишна затворска казна за случајот „Рекет“, пред една недела побарал шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, да ги сослуша неговите сознанија и докази кои се однесуваат на „лица и настани поврзани со коруптивни, казниви дела и криминални дејствија во највисоките државни структури од сферата на политиката, правосудството, бизнис-елитата и други лица кои биле во заедничка корелација на сторување“.

Јовановски тоа го побарал преку своите адвокати Владимир Туфегџиќ и Сашо Дуковски, кои воедно и ја информираа јавноста за овој чекор, поради тоа што „има доверба единствено во посочениот јавен обвинител“.

– Со наведеното ја информираме јавноста дека започнува исклучително сериозен и сензитивен процес, дотолку повеќе што Бојан Јовановски при поднесувањето на кривичните пријави на записник ќе ги предаде сите докази во поткрепа на пријавите, а доказите кои ги поседува се во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видео записи, т.н. „бомби“, како што е и наведено и во самото барање до јавниот обвинител од страна на Бојан Јовановски – се вели во информацијата.

Адвокатите ја известуваат јавноста и дека благовремено, преку јавните гласила, ќе бидат споделувани информации за отпочнатиот процес и ја повикуваат со внимание да го следи процесот.

– Тоа особено е важно поради статусот и положбата на подносителот Бојан Јовановски, за кој апелираме дека после започнување на овој процес ќе биде изложен на интензивирана тортура, притисоци и закани, па оттука повикуваме на разумност и поддршка од општата и стручната јавност – се додава во информацијата.

Во прилог е доставена и содржината на барањето упатено до јавниот обвинител.

– Јас сега осудениот Бојан Јовановски со прекар Боки 13, поради тоа што располагам со сознанија и докази за сторени кривични дела од страна на високо профилни личности од сферата на политиката, правосудниот систем и бизнис елитата, БАРАМ ДА БИДАМ ИЗВЕДЕН ПРЕД ВАС ВЕДНАШ И БЕЗ ОДЛОЖУВАЊЕ, со цел да ги поднесам кривичните пријави и да ви ги предадам сите докази со кои располагам во форма на аудио снимени разговори, транскрипти и остварени телефонски комуникации во форма на пораки, фотографии и видео записи. Во месец јули 2020 година започнав со пријавување и поднесување на кривични пријави на записник, заклучно со месец декември 2020 година пред јавен обвинител од ОЈО-Скопје и требаше да продолжам со поднесување на пријавите, но до ден денешен не сум повикан, иако тоа го барав и по писмен пат до обвинителот Гаврил Ристовски да бидам повикан од негова страна. За досега поднесените и комплетирани кривични пријави нема донесено никаква јавно-обвинителска резолуција, па оттука поради сензитивноста на поднесеното, сериозноста и карактерот на кривичните дела, особено поради мојата моментална положба и статус, барам да бидам изведен исклучиво пред вас, бидејќи изразувам целосна недоверба кон правосудниот систем, дотолку повеќе што во пријавите се опфатени лица со реална моќ и влијание. Целата моја доверба ја вложувам во вас, па затоа барам ВЕДНАШ И БЕЗ ОДЛОЖУВАЊЕ, да бидам изведен пред вас по ваша издадена наредба, особено важно што во овој период сум директна жртва на незаконито, фалсификувано и антидатирано судско решение донесено од Основен кривичен суд Скопје, за кое имам основано сомневање дека е донесонео од криминогени побуди и намери на поединци. Воедно, молам за заштита од ваша страна во рамки на законот, дотолку повеќе што сум се соочувал и се соочувам со реални закани по мојот живот и истото го очекувам да биде интензивирано после ова истакнато барање до вас за поднесување на кривични пријави – се вели во писмото што Јовановски го испратил до Абази.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот