Истражување: Луѓето што престануваат да користат инјекции за слабеење се здебелуваат четирипати побрзо од оние што се на диета
Луѓето кои престануваат да користат инјекции за слабеење како што се „маунџаро“ (Mounjaro) или „вегови“ (Wegovy) можат да ги вратат изгубените килограми четири пати побрзо од оние кои престануваат со класичната диета и вежбање, сугерира ново истражување.
Препорачано
Податоците објавени во „Британскиот медицински магазин“ покажуваат дека луѓето со вишок килограми губат големи количини на телесна тежина додека ги користат инјекциите – околу една петтина од својата тежина – но по прекинувањето на терапијата, тие враќаат просечно 0,8 кг месечно, пренесува Би-би-си.
Ова значи дека тие се враќаат на телесната тежина што ја имале пред терапијата за околу година и пол.
– Луѓето кои ги купуваат овие лекови треба да бидат свесни за ризикот од брзо враќање на тежината кога ќе заврши третманот – предупредува истражувачката д-р Сузан Џеб од Универзитетот во Оксфорд.
Таа нагласила дека овие наоди потекнуваат од медицински испитувања, а не од реалниот живот, и дека дополнителни истражувања за долгорочните ефекти од новите инјекции за слабеење би биле многу корисни.
Истражувачите анализирале 37 студии со повеќе од 9.000 пациенти за да ги споредат популарните инјекции за слабеење со традиционалните диети или со други таблети.
Само осум студии биле поврзани со терапијата со поновите ГЛП-1 лекови, како што се „вегови“ и „маунџаро“, а максималниот период на следење во тие студии бил една година по прекинувањето на лекот, па затоа дадените бројки се проценки.
Луѓето кои се одлучуваат за диета без инјекции можат да очекуваат да изгубат помалку тежина отколку со инјекциите, но килограмите подоцна се враќаат побавно – можеби околу 0,1 кг месечно, велат истражувачите, иако ова варира од личност до личност.
Ризик од повторно враќање на тежината
Британската здравствена служба (НХС) ги препорачува овие инјекции за луѓе кои имаат вишок килограми со здравствени ризици поврзани со дебелината – не за оние кои само сакаат малку да ослабат.
Лекарите треба да препишуваат и промени во животниот стил, вклучително и здрава исхрана и доволно физичка активност, за да помогнат во одржувањето на изгубената тежина.
Многумина веруваат дека овој третман треба да се гледа како доживотен, со оглед на ризикот од повторно враќање на килограмите.
Инјекции за слабеење: Што се случува кога ќе престанете?
Луѓето кои се обиделе да престанат со инјекциите го опишуваат тоа како „прекинувач што се вклучува и одеднаш сте ужасно гладни“.
– Како да ми се отвори нешто во главата и ми рече: „Јади сè, ајде, си заслужила, затоа што толку долго не си јадела ништо – рекла една жена.
Д-р Адам Колинс, експерт за исхрана на Универзитетот во Сари, вели дека начинот на кој инјекциите делуваат на мозокот и телото може да објасни зошто тежината се враќа побрзо по престанувањето на земањето.
Тие го имитираат природниот хормон кој се вика ГЛП-1, кој го регулира гладот.
– Вештачкото обезбедување нивоа на ГЛП-1 кои се повеќепати повисоки од нормалното во текот на подолг временски период може да предизвика телото да произведува помалку од сопствениот природен ГЛП-1, но и да стане помалку чувствително на неговите ефекти. Тоа не е проблем додека се земаат лековите, но штом се прекине со оваа „доза“ на ГЛП-1, апетитот повеќе не е под контрола и прејадувањето станува многу поверојатно. Наглото прекинување на терапијата е голем предизвик – рекол тој.
– Ова дополнително се влошува ако лицето целосно се потпирало на ГЛП-1 за да ја заврши целата работа… вештачки потиснувајќи го апетитот, а притоа без да прави никакви промени во исхраната или однесувањето што би му помогнале на долг рок – додал тој.
Според најновите проценки на НХС, жените имаат двојно поголема веројатност да ги користат овие инјекции од мажите и се почести кај луѓето во нивните четириесетти и педесетти години.
Хронична природа на дебелината
Професорот Навид Сатар од Универзитетот во Глазгов рекол дека инјекциите би можеле да имаат дополнителни здравствени придобивки бидејќи брзо ја намалуваат телесната тежина.
– Можно е дури и две до три години помала телесна тежина, благодарение на краткотрајната употреба на инјекции, да го забават оштетувањето на зглобовите или срцето и бубрезите. За да се одговори на тоа прашање, ќе бидат потребни поголеми и подолготрајни студии. Важно е да се истакне дека континуираната употреба на овие лекови во текот на три до четири години им овозможува на луѓето да одржуваат значително помала телесна тежина отколку што би можелеинаку – придобивка што обично не се гледа кај слабеењето е засновано исклучиво на промените во животниот стил, каде што тежината често се враќа со текот на времето – навел тој.
Одобрена првата таблета за слабеење „вегови“: Пресвртница во лекувањето на дебелината


