ФОТО | Исповед на две жени: Што се случува кога ќе престанете да земате инјекции и лекови за слабеење?
„Како да се вклучува прекинувач и веднаш сте гладни.“ Со тие зборови Тања Хол ги опишала своите повторени обиди да престане да зема лекови за слабеење. Секој пат кога ги прекинувала инјекциите, постојаната мисла за храна се враќала – и погласна од кога било.
Препорачано
Инјекциите за слабеење, познати како ГЛП-1 агонисти, за многумина го постигнале она што диетите никогаш не можеле: го исклучиле тој постојан внатрешен глас што ги терал да јадат дури и кога биле сити. Овие лекови им овозможиле на луѓето нов изглед, нов поглед на животот и, во некои случаи, целосна трансформација, но прашањето е што се случува кога ќе престанете да ги земате, пишува Би-би-си.
Борба со гладот и несаканите ефекти
Тања, менаџер за продажба во голема компанија за фитнес, почнала да зема „вегови“ за да докаже нешто. Се чувствувала како „натрапник“ во својата индустрија поради прекумерната тежина и верувала дека нејзиното мислење не се цени доволно. Откако започнала со терапијата и ослабела, почувствувала дека нејзините колеги се однесуваат кон неа со поголемо почитување. Но, успехот имал цена.
View this post on Instagram
Првите неколку месеци таа страдала од несоници, постојани мачнини и главоболки, а косата почнала да ѝ паѓа, што е можен несакан ефект од брзото губење на тежината.
„Косата ми паѓаше во прамени“, се сеќава Тања.
Сепак, ослабела 38 килограми и го постигнала посакуваниот изглед. Сега, повеќе од 18 месеци подоцна, секој обид за престанување завршува исто.
„За само неколку дена јадам толку многу храна поради што целосно ме обзема ужас“, рекла Тања.

Лекар предупредува: „Како да ве погодила лавина“
Прекинувањето на земањето лекови за слабеење може да изгледа како „скокање од карпа“, предупредува семејниот лекар д-р Хусеин Ал-Зубаиди.
„Често гледам пациенти кои, откако ќе ја достигнат својата цел, нагло престануваат да ја земаат највисоката доза.“
Според неговите зборови, тоа може да биде како да ве погодила „лавина или цунами“, бидејќи опсесивната мисла за храна се враќа веќе следниот ден.
Досегашните докази упатуваат на тоа дека луѓето ќе вратат значителна количина од изгубената тежина во рок од една до три години по прекинувањето на терапијата.
„Зборуваме за враќање на помеѓу 60 и 80 отсто од килограмите што сте ги изгубиле“, истакнува д-р Ал-Зубаиди.
Можност за нов почеток
Елен Огли е одлучна да не дозволи тоа да ѝ се случи. За неа, започнувањето со земањето на лекот „мунџаро“ бил „последниот обид да ги поправи работите“ откако била принудена да потпише изјава дека можеби нема да ја преживее потребната операција поради нејзината прекумерна тежина.
„Емоционално се прејадував. Јадев кога бев среќна, јадев кога бев тажна, не беше важно“, објаснува таа.
Лекот, вели таа, сето тоа го исклучил. Времето без постојани мисли за храната го искористила за да го преобликува својот однос кон храната. Почнала да учи за исхраната, да создава здрави навики и да вежба. По 16 недели, постепено ја намалувала дозата во текот на шест недели и изгубила вкупно 22 килограми. Кога се чувствувала лошо, наместо „да оди во кујнските плакари и да се полни со храна“, одела на трчање.

Важноста на стратегијата за излез
Сепак, и Елен забележала дека нејзината тежина почнала полека да се враќа по прекинувањето на терапијата, што, како што вели таа, „малку ѝ ја нарушило психата“.
Затоа е клучна вистинската поддршка, нагласува д-р Ал-Зубаиди.
„Сè е во тоа да се има стратегија за излез“, објаснува тој.
Елен по губењето на тежината
Британското регулаторно тело за лекови препорачало пациентите да добиваат најмалку една година континуирани совети и прилагодени планови по прекинувањето на лекувањето. Меѓутоа, за оние што ги плаќаат своите лекови приватно, како Тања и Елен, таквата поддршка не е секогаш загарантирана.
Тања сè уште зема лекови, иако чувствува дека тие повеќе немаат голем ефект. Стравот од брзото враќање на килограмите е преголем и таа секогаш наоѓа причина да се врати на терапијата.
„Во првите 38 години од мојот живот, имав прекумерна тежина. Сега сум 38 килограми полесна. Дел од мене се чувствува зависен од тоа да продолжам, бидејќи поради тоа се чувствувам под контрола“, признава таа, но потоа додава дека можеби е обратното – можеби лекот ја контролира неа.
Од друга страна, Елен чувствува дека тоа поглавје е затворено за неа. Таа продолжила да губи килограми дури и по прекинувањето на терапијата и сега е 51 килограм полесна.
„Сакам луѓето да знаат дека животот по ‘мунџаро’ може да биде одржлив“, порачува таа.
Производителот на „вегови“, „Ново Нордиск“, изјавил дека одлуките за лекување треба да се донесат со здравствен работник, земајќи ги предвид несаканите ефекти. Слично на тоа, „Ели Лили“, компанијата што го произведува „мунџаро“, истакнува дека безбедноста на пациентите е нивен врвен приоритет и дека активно ги следат сите информации за лекот.


