Луѓе кои викендов биле во Грција кажуваат колку се чекало со пријавувањето за новиот систем
Македонски граѓани кои викендов го поминаа во Грција, раскажуваат дека имало проблеми и застои со новиот систем за регистрирација при влез во земјите од Европската Унија и велат дека се чекало со часови да се завршат царинските формалности од грчките погранични служби, пишува порталот „Економија и бизнис“.
Препорачано
-Во саботата бевме на викенд во Солун. На граничниот премин „Богородица“ за влез во Грција пред нас имаше три автобуси. Се направи општ хаос, бидејќи во исто време излегоа патниците од сите три автобуси. Настана метеж. Процедурата се одвиваше споро. Патниците во нашиот автобус чекавме два часа за влез во Грција. За назад чекавме подолго или точно 4 часа и 40 минути. Имаше долга колона автобуси, пред нашиот имаше десетина автобуси. Автобусот поминува празен но патниците мораат да чекаат во редови. Секој патник се фотографира, а тоа го направивме на враќање за Македонија. Отпечатоци се зема од секој патник и на влез и на излез од Грција, изјави една скопјанка за порталот.
Воведувањето на новиот систем за влез и излез (EES) на Европска Унија предизвика сериозни проблеми на аеродромите низ Европа, со долги редици, доцнења и пропуштени летови уште во првите денови од неговата целосна примена.
Системот, кој официјално стапи на сила на 10 април во 29 земји од шенген-зоната, воведува биометриска контрола за патници што не се државјани на ЕУ. Наместо традиционалното печатирање на пасоши, сега се собираат податоци како отпечатоци од прсти, фотографии и информации за влез и излез.
Тоа резултира и со конкретни проблеми – редици, гужви на граничните премини, но и пропуштени летови, како случајот во Милано каде од лет за Манчестер успеале да се качат само 34 патници од вкупно 156, додека останатите го пропуштиле летот поради долгите проверки.
По неколку часа се чекало и за влез во Хрватска од соседните БиХ, Србија и Црна Гора, каде на дел од патниците и покрај долгото чекање, на крајот не им бил одобрен влез во земјата.
Туристичките организации предупредуваат дека хаосот дополнително ќе се зголеми со почетокот на летната туристичка сезона.


