ЛШ: Вардар ремизираше на реваншот со Веспрем, пресуди поразот во Скопје
Денеска во реванш натпреварот од осминафиналето во Лигата на шампионите во Унгарија составот на Вардар 1961 ремизираше против Веспрем со 31:31.
Иако елиминирани скопските „црвено-црни“ одиграа многу подобро на возвратната пресметка, а во овој двомеч пресуди нивниот висок пораз на првиот меч во СЦ „Јане Сандански“ кога загубија со 22:30.
Составот на Давид Дејвис го имаше само почетното водство од 0:1, а потоа константно противникот го контролираше резултатот во своја корист.
Домаќините трипати имаа највисоки „плус шест“ на мечот (17:11, 18:12, 24:18), но на крајот Вардарци се изборија за реми.
Најефикасен во редовите на македонскиот шампион беше Моралес со шест погодоци, пет запиша К. Њокас. Вреди да се одвои и добриот настап на голманот Гогов кој не добива така често минутажа оваа сезона, имаше осум одбрани, 57% на успешност на одбранети удари
На спротивната страна седум погодоци беа дело на Омар, а пет имаше Швеѓанецот Нилсон. Веспрем за пласман на Фајнал-фор турнирот ќе игра против данската екипа на Алборг.