ЛШ: Струга без голови на првиот меч против Жалгирис, во Охрид ќе се брка двомеч со Галатасарај
Денеска во првиот натпревар од првото квалификациско коло во Лигата на шампионите во Вилнус македонскиот фудбалски шампион Струга Трим Лум против Жалгирис одигра нерешено со резултат 0:0.
Препорачано
Голема борба видовме на теренот во Литванија со доста фаули и на двете страни, се истакнаа дефанзивците, како и голманите.
Во првото полувреме уште во втората минута стружани ја имаа првата шанса преку Радески, но шутираше право во голманот Гертмонас.
Домаќините можеа да дојдат до гол во 15 минута, по еден изведен корнер највисоко скокна Насим Хнид, но одлично интервенираше Ќосевски.
Во 36 минута можеби Струга ја имаше најубавата можност да дојде до предност, Шабани излезе сам пред Гертмонас, но голманот на литванската екипа излезе како победник во овој дуел.
Литванците повеќе правеа притисок на нашата половина, но играчите на Шпетим Дуро ги запреа сите налети. Нововлезениот Кочоски кој влезе во игра како замена за Бесарт Ибраими, можеше да биде херој на Струга, но во 86 минута во противничкиот казнет простор не беше прецизен со левата нога во обидот да ја затресе мрежата на Жалгирис.
Реваншот ќе се игра на 18 јули на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид од 17.00 часот, а победникот во второто квалификациско коло ќе игра против турскиот Галатасарај.


