Љубомир Савевски: Богатство за нас е што ќе играме со Норвешка

Фото: РФМ

Во рамките на ЕХФ ЕВРО купот, македонските ракометарки вечерва имаат дуел со Норвежанките во „Борис Трајковски“. Непроценливо искуство е што нашите девојки ќе ги одмерат силите со состав кој е во врвот на светскиот ракомет, вели селекторот

Македонската ракометна репрезентација, жени, денеска игра дуел со најтрофејната селекција на сите времиња во овој спорт, Норвешка. Мечот ќе се игра во салата „Борис Трајковски“ (19.30, слободен влез), а е во рамките на ЕХФ ЕВРО купот. Потоа в недела ќе следува уште едне меч помеѓу овие две селекции, во Норвешка.

Според селекторот Љубомир Савевски, меч со ваков противник е уникатна можност нашите девојки да ги одмерат силите со најдобрите. Норвешка не доаѓа со најдобриот тим, но според Савевски, и во овој „втор“ тим има ракометарки со врвен квалитет. Непроценливо искуство е за нашите, во пресрет на претстојните предизвици, Медитранските игри ова лето и она најважното, Европското првенство во ноември, чиј коорганизатор е Македонија.

– Големо богатство за нас е што ќе играме со Норвешка. Овој тим доаќа со друг состав, има и нови играчи. Сепак, колку што видов, тоа се искусни играчи кои се во зрели години, но немале можност да играат со најдобрата постава. Играјќи со ваква селекција, ќе видиме до каде сме. Јас мечов со Норвешка го сметам за празник на женскиот ракомет. Никогаш не сме имале можност да играме пријателски меч со таква велесила. Целта ни е да дадеме што подобра партија. Норвешка има силен, тим негуваат брз ракомет, со одлична транзиција – вели Савевски.

Инаку, Норвешка е актуелен европски и светски првак и бронзен медалист на ЛОИ 2020.

Според селекторот целата серија мечеви во рамките на овој Куп, односно претходните дуели со Словенија и со Црна Гора, како и овој сега со Норвешка, се ретка можност за напредок на нашиот тим и според тоа и развој на женскиот ракомет.

– Македонскиот тим никогаш немал можност да игра шест вакви дуели со три селекции. И порано игравме пријателски мечеви, но многу поретко. Работата секако ќе продолжи и по овие мечеви. Летоска имаме две големи натпреварувања, Медитеранските игри (Алжир 25 јуни-5 јули н.з.) и Светското првенство за кадетки (Македонија, 30 јули-10 август н.з.). Претходно ќе имаме подготовки во мешан состав, сениорки и кадетки – објаснува Сававски.

Целта е што подобра подготовка за ЕП 2022 (4-20 ноември) што ќе се игра и во Македонија.

фото: РФМ

Проблем за нашата женска репрезнетација е што селекторот никогаш го нема целиот тим на располагање, поради повреди на неколку ракометарки. Во овој циклус отсутни поради повреди ќе бидат Зорица Десподовска (Кобержице, Полска) и Савица Мркиќ (Ериче, Италија) кои закрепнуваат од хируршки зафати. Нема да биде во тимот ни Елена Ѓорѓиевска (Магура, Романија), која исто така има проблем со повреда. Во тимот се враќаат Марија Штериова (Глорија Бузау, Романија) и Јована Саздовска (Дунареа, Романија), кои имаа долги периоди на закрепнување од повреди и не се во топ форма иако сега се здрави. Савевски очекува да настапат и да одиграат колку можат.

Македонија како коорганизатор на претстојното ЕП во ноември, со другите коорганизатори, Словенија и со Црна Гора, како и со светскиот првак Норвешка, не игра во квалификациите туку меѓусебе, во ЕХФ ЕВРО купот, за одржување на активноста. Во мечевите со Црна Гора доживеавме два пораза (30-31, 21-29). Со Словенија исто така црвено-жолитите доживеаја два пораза (28-29, 20-27).

ЕХФ ЕВРО куп, 5 коло, денеска: Словенија – Црна Гора, Македонија – Норвешка. Табела: Норвешка 8, Словенија 4, Црна Гора 4, Македонија 0.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот