Лицата со церебрална парализа од Велес бараат да бидат вклучени во петтиот пакет економски мерки

Фото: Слободен печат/ Д. Митровски

Здружението на лица со церебрална парализа од Велес денеска електронски достави писмено барање до премиерт Зоран Заев, до претседателот на Парламентот, Талат Џафери и велешките пратеници Коциќ, Здравковски, Апасиев и Кадриов, да се заложат лицата со попреченост од земјава да бидат вклучен во петтиот пакет економски мерки на Владата за надминување на кризата предизвикана од коронавирусот.

Тие од надлежните бараат ваучер за набавка на лекови, витамини, здрава храна и хигиенски материјали, како и ваучер за рехабилитација, рекреација и одмор во вредност од по шест илјади денари, информира денеска на прес-конференција Далиборка Златева, претседател на Здружението.

Таа информира дека лицата со попреченост и без присуство на коронавирусот живеат во еден поинаков свет кој секојдневно им носи карантин, потреба од витамини, специјализирана храна, потреба од рехабилитација и рекреација. Нагласи дека во услови кога целиот свет живее во стегите на пандемијата, децата со попреченост тоа го чуствуваат двојно. Потенцира дека во развиените земји од светот и општествено одговорните држави, на оваа категорија на граѓани им се овозможува посебен третман и заштита во период на пандемијата.

– Истото треба да се случи и во нашата држава. Петтиот пакет да се надополни со помош и поддршка на сите деца и лица со попреченост на територија на Република Северна Македонија, побара од надлежните Златева.

Исто така, од Здружението денеска побараа и измени во здравствената законска регулатива и во социјалната и пензиската законска регулатива. Измените се однесуваат на олеснување на секојдневното живеење, со што децата и лицата со попреченост, но и нивните членови од потесни семејства ќе станат социјализирани и корисни граѓани.

-Бараме промена за бесплатно здравство за сите лица со попреченост без ограничување во староста, бесплатен престој на придружникот на лице со попреченост во период на хоспитализација, како и намалување на период од пет години за обнова на ново ортопедско помагало и моделирање според потребите на корисникот со што ќе се влијае на мобилноста и функционалноста. Исто така бараме и промена на границата до и над 26 години старост и рамномерна достапност на сите пропишани социјални права уште од моментот на дијагностицирање, рече Златева.

Таа побара од надлежните  и зголемување на износот на додатоците за нега односно мобилност и попреченост, воведување на категорија „Родител-неговател” за најтешките случаи деца и лица со попреченост, изедначување на висината на социјални додатоци кај згрижувачко и биолошко семејство, предвремено пензионирање на родителите со навршени 55 години старост
Побара трајното решение за мобилност на најтешките случаи на лица со попреченост да не биде како досега на секои шест месеци обнова на документи, комисиите кои вршат категоризација да бидат финансирани од државата, а не од лицата и семејствата на лица со попреченост.
Кон ова нивно барање се приклучија и дадоа поддршка и здруженијата „Доза среќа”, „Соѕвездие” и „Пркос” од Скопје. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот