Левица поднесе кривична за Цвета Ристовска – ДКСК најавува одлуки за неа и за Томовски
Левица поднесе кривична пријава против поранешната членка на Државната комисија за спречување на корупцијата Цвета Ристовска откако си поднесе оставка, за противправно стекнување и прикривање на имот.
Препорачано
-Цвета Ристовска, спротивно на обврските од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси за пријавување на целосна и вистинита имотна состојба, која вклучува личен и имот на членовите на семејството – иако била должна, не пријавила две компании во сопственост на членови на нејзиното семејство. Јасно е дека се работи за свесно и намерно прикривање на имот, ако се има предвид фактот дека компаниите кои не ги пријавила Ристовска добиле 2 милиони денари од касата на ДПМНЕ, очигледно како награда за непостапувањето на Ристовска против нивните функционери. Оваа теза дополнително ја потврдува фактот што поранешната антикорупционерка го пријавува останатиот имот на своите деца во анкетниот лист, но свесно и намерно, ја изоставува фирмата која постои уште од 2020 година – велат од партијата.
Според нив, нејзина оставка не е доволна и бараат ревизија на сите предмети кои ги работела.
-Таа беше директна инсталација на владејачката партија, која амнестираше два високи функционери од партијата на власт – Бојан Христовски и Ивица Томовски – додаваат оттаму.
Два предмети за Цвета Ристовска отворија нејзините поранешни колеги затоа што не ги пријавила фирмите на нејзините деца во нејзиниот анкетен лист, а фирма на еден од синовите добивала пари во кампањата за претседателските избори во 2024 година. Нејзините колеги треба да донесат одлука дали имало судир на интереси и за непријавување на имот.
Претседателот на ДКСК Адем Чучуљ најавува дека наскоро ќе има одлуки за предметите што се водат за Ристовска, но и за генералниот секретар на Владата Ивица Томовски.
За Томовски беше отворена постапка откако опозициската СДСМ обвини дека семејна фирма поврзана со директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски која го менувала името, добила вкупно 161 тендер, вредни речиси 5,5 милиони евра, пари на граѓаните.


