Лазаров: Алкалоид е поквалитетен, сериозно го сфаќаме реваншот против Бриксен
Ракометниот клуб Алкалоид по високата победа во Италија на домашен терен го пречекува италијански Бриксен во рамки на ЕХФ Европскиот Куп.
Препорачано
Дуелот кој е битка за место во четвртфиналето е закажан во „Автокоманда“ на 22 февруари (сабота) со почеток од 18.00 часот.
Играчите предводени од тренерот Кирил Лазаров со една нога се во четвртфиналната фаза откако на првиот меч славеа со 44:32.
– Извојувавме убедлива победа против еден квалитетен противник од Италија. Знаеме дека таму ракометот е во подем, клупскиот и репрезентативниот ракомет. За мене неочекувано беше да славиме со толкава голема разлика. На првиот меч одигравме еден квалитетен и комплетен натпревар. Резултатот воопшто не е реален, ја направивме разликата во последните седум-осум минути, во 50 минута беше само четири голови предност за нас.
Воопшто нема да го потцениме Бриксен во Скопје иако мора да признам дека сме поквалитетен тим. Може и тие не очекуваа дека ќе имаме квалитетно издание и изгореа од желбата за победа. Момците одиграа одлично во првите 60 минути, сакам и очекувам да победиме и на возвратниот дуел и поради рејтингот на Алкалоид и на македонскиот ракомет. Доста добро се подготвуваме и сериозно го сфаќаме овој меч – изјави Лазаров на прес-конференција.


