Лавандата е повеќе од пријатен мирис: На природен начин ги отстранува бактериите и нечистотиите!
Лавандата е ароматична билка што традиционално се користи за опуштање, полесно заспивање и ублажување на главоболки. Се смета дека ги намалува воспаленијата во телото, како и дека помага при симптоми на анксиозност и депресија. Освен тоа, оваа безбедна и мирисна билка може да биде ефикасно средство за чистење, без употреба на агресивни хемикалии, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Природен сојузник против бактерии и вируси
Етеричното масло од лаванда има силни антибактериски и антивирусни својства. Таа делува и како природен репелент против инсекти, а може да се користи и за дезинфекција на просторот. Доволно е да се додадат неколку капки етерично масло од лаванда во дестилирана вода, малку оцет и неколку капки кастилски сапун (сапун од маслиново масло). Оцетот и сапунот ги разградуваат маснотиите, а заедно со лавандата создаваат антимикробна мешавина со пријатен мирис.
Во минатото, лавандата се користела и како антисептик за дезинфекција на болнички оддели, поради нејзините силни антимикробни и антивирусни својства. Една студија врз животни покажала дека етеричното масло од лаванда го забрзува заздравувањето на рани и ја подобрува способноста на кожата да создава колаген по оперативен зафат.
Како правилно се користи маслото од лаванда?
Стручњаците за ароматерапија предупредуваат дека чистото етерично масло од лаванда е многу концентрирано и не треба да се нанесува директно на кожата, бидејќи може да предизвика иритации. Потребно е претходно да се разреди со базно растително масло, особено при нанесување на кожа.
Луѓето кои страдаат од анксиозност или несоница можат да додадат неколку капки масло од лаванда во дифузер со вода и да го распрскаат во просторијата каде што престојуваат. Според стручњаците, кај нас најчесто се користат англиска и француска лаванда. Двете се одлични за нега на кожа, но англиската повеќе се препорачува за смирување на нервна напнатост и за подобар сон.
Ароматерапијата не е за секого
Ароматерапијата е дел од фитотерапијата и се заснова на лекување со мириси, односно со етерични масла. Но, не секој мирис му одговара на секој човек. Можно е, дури и пријатен мирис, кај некои лица да предизвика непријатна реакција.
Фитотерапевтите предупредуваат дека етеричните масла често поттикнуваат емоционални сеќавања. За повеќето луѓе, мирисот на лаванда е смирувачки, но кај некои може да предизвика негативна емоција, доколку го поврзуваат со непријатно доживување од минатото. Мирисите имаат моќ да не вратат на моменти што сакаме да ги заборавиме.


