Ѕвездата на „Мртов агол“ се бори за живот: Актерот Квинтон Арон паднал и завршил во болница
Актерот Квинтон Арон, најпознат по улогата на Мајкл Охер во оскаровски наградениот филм „Мртов агол“ (The Blind Side), е приклучен на апарати за одржување во живот и се бори за живот по пад во својот дом. 41-годишниот актер е хоспитализиран во Атланта, пренесува „Њујорк пост“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според неговиот менаџер, Арон се движел по скали, кога нозете ненадејно му попуштиле и паднал. Последните неколку дена ги минал во болница, каде што лекарите го приклучиле на апарати поради тешка инфекција на крвта.
Во меѓувреме, покрената е кампања на платформата ГоуФандМи за покривање на медицинските трошоци. Кампањата ја иницирала организацијата „Мрежа за помош на ветераните“, која во објавата наведува дека ситуацијата била ненадејна и исклучително тешка за неговите најблиски. Се посочува дека семејството се соочува со сериозен емоционален и финансиски товар, вклучително и високите медицински трошоци и неизвесноста околу процесот на закрепнување.
Лекарите сè уште спроведуваат дополнителни испитувања за да ја утврдат причината за падот, а менаџерот на актерот им се заблагодарил на обожавателите за поддршката, молитвите и добрите желби.
Инцидентот доаѓа само неколку месеци откако Арон ослабел околу 90 килограми. Тој и претходно се соочувал со здравствени проблеми. Во март минатата година бил итно хоспитализиран во Калифорнија поради висока температура и искашлување крв, кога лекарите се сомневале на грип тип А и пневмонија. Во 2019 година, пак, се борел со тешка инфекција на горните дишни патишта.
Квинтон Арон се прослави со улогата на поранешната НФЛ-ѕвезда Мајкл Охер во филмот „Мртов агол“, каде што глумеше заедно со Сандра Булок, која за улогата на Ли Ен Туохи ја освои наградата Оскар. Филмот ја следи инспиративната животна приказна на Охер, од тешко детство до успешна кариера во американскиот фудбал.


