Куп: Работнички ќе игра во финалето против МЗТ Скопје Аеродром

Фото: kfsm.mk

Во својот 15 настап во полуфиналето од Купот на Македонија, тимот од „Градски парк“ беше подобар од Еуро Никел 2005 (85:79).

Екипата на Работнички ќе игра по 16 пат во еден финален натпревар од Купот, кој од оваа година го носи името на нашата кошаркарска легенда „Благоја Георгиевски Буштур“.

И ќе се бори за својот 11 трофеј во историјата на ова натпреварување во утрешното финале, против својот најголем и вечен ривал низ историјата, МЗТ Скопје Аеродром.

Во победничките редови доминираше Бундовиќ со 29 поени, 17 поени запиша Мулалиќ, додека 12 беа дело на Аска. На спротивната страна по 16 поени забележаа Рикиќ (осум скока) и капитенот Петровски, 14 коша уфрли Соколов.

Фото: kfsm.mk

Одлично „отворање“ имаше Работнички, за нешто повеќе од една минута поведоа „домаќините“ со (7:0), кои едноставно го натераа тренерот на Еуро Никел 2005, Горан Самарџиев да го „потроши“ својот прв тајм-аут на средбата.

Но, кавадарчани возвратија веднаш. Пет минути подоцна преминаа во водство (15:13). Со „краток век“ затоа што најтрофејниот во Купот, уште еднаш дојде до водство, на крајот на првата четвртина беше изразено со четири поени (24:20). Со „три плус еден“ играта на Ефремовски, Работнички поведе и со (30:22), по две и пол минути од вториот период од играта.

Кавадарчани играа трпеливо, и во еден таков, „мирен“ стил, успеаја во обидите да го надминат високото водство на противникот. На две минути до крајот на првото полувреме, имаа минимални (40:39). А бековскиот двоец Петровски-Соколов ја претвори во нешто повисоки (47:44) по 20 минути од играта.

Фото: kfsm.mk

Во првите два напади од третиот дел, Еуро Никел 2005 стигна и до највисоката предност (51:44). Работнички постојано го бркаше тоа не баш високо водство на противникот. Но не успева „црвено-белите“ докрај да ги валоризираат тие напори. По три одиграни четвртини од второто полуфинале, Еуро Никел 2005 – Работнички беше (61:57).

Двете тројки, на Мулалиќ и на Младеновиќ, донесоа нерешен резултат (63:63), поените на Младеновски и водство на Работнички (65:63) во првите две минути од четвртиот период. Серијалот на тројки го продолжи Мулалиќ, за индентични (68:66).

Тројките беа, и останаа главно напаѓачко оружје на тимот од „Градски парк“. По уште една, која дојде повторно од Словенецот, негова петта (а десетта тимска) водеа со (75:72) на три минути до крајот.

Три поени, но од линијата за три поени даде и Дубински, и ги погоди сите. Па на две минути пред крајот, одново беше нерешено (77:77). Бундовиќ беше напаѓачкото решение на стручниот штаб на „црвено-белите“, кој во два наврати, во минутите на одлука, го надмудри Рикиќ, и донесе ново водство (81:79).

Клучното „крадење“ го направи Младеновиќ, кој при резултат (83:79), ја освои топката и го постави конечниот резултат, вреден ново финале во долгата историја на Работнички.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот