„Кунг фу билката“ е суперхрана на иднината: Бамбусот криe огромен здравствен потенцијал
Оваа билка ретко се поврзува со исхрана надвор од Азија. Повеќето луѓе бамбусот го препознаваат по парчиња мебел, кунг фу филмови или по неговиот исклучително брз раст, а не како извор на хранливи материи. Сепак, нов академски преглед сугерира дека бамбусот би можел да има многу поголемо значење во исхраната, особено во време кога расте интересот за растителна храна со докажани здравствени придобивки.
Препорачано
Истражувачите го завршија првиот сеопфатен преглед за консумирање бамбус, анализирајќи податоци од испитувања врз луѓе, како и лабораториски студии на човечки клетки. Заклучокот е јасен: правилно подготвените бамбусови изданоци можат да придонесат за метаболичка рамнотежа, подобра дигестија и поголема отпорност на клетките. Студијата е објавена во научното списание „Advances in Bamboo Science“.
Што нуди бамбусот?
Бамбусот е најбрзорастечката билка на планетата – некои видови можат да пораснат речиси еден метар за само еден ден. Денес, Кина и Индија се водечки производители, а бамбусовите изданоци се честа состојка во источна и југоисточна Азија.
Од нутритивен аспект, бамбусовите изданоци се богати со протеини, имаат малку масти и содржат умерено количество растителни влакна. Тие обезбедуваат и аминокиселини, селен, калиум, како и витамини – тиамин, ниацин, витамин А, Б6 и Е, што ги прави корисни за повеќе телесни функции.
Подобра контрола на шеќерот во крвта
Неколку испитувања врз луѓе покажале подобрена контрола на нивото на шеќер во крвта по консумирање бамбус. Ова е особено важно за лицата со дијабетес и за одржување долгорочна метаболичка стабилност.
Главниот автор на студијата, професорот Ли Смит (Lee Smith) од Универзитетот Англија Раскин (Anglia Ruskin University), истакнува дека бамбусот има голем потенцијал да стане здрав и одржлив дел од глобалната исхрана – но само ако се подготвува правилно.
Покрај тоа, кај испитаниците биле забележани и подобрувања во липидниот профил, што е директно поврзано со намален ризик од срцеви заболувања.
Придобивки за здравјето на цревата
Бамбусовите изданоци содржат растителни влакна како целулоза, хемицелулоза и лигнин, кои ја поддржуваат дигестијата и нормалната работа на цревата. Студиите покажале подобрување на цревната редовност, а лабораториските истражувања укажуваат и на пробиотски ефекти.
Ова значи дека бамбусот може да поттикне развој на корисни бактерии во цревата и да создаде поздрав микробиом.
Ефекти на клеточно ниво
Истражувањата покажале и зголемена антиоксидативна и противвоспалителна активност, како и подобрена виталност на клетките. Лабораториските анализи потврдуваат дека бамбусот помага во заштита од оштетувања предизвикани од оксидативен стрес.
Безбедност при консумирање
И покрај бројните придобивки, бамбусот не смее да се јаде суров. Некои видови содржат соединенија кои можат да ослободат цијанид, а други можат да влијаат врз функцијата на тироидната жлезда. Овие ризици целосно се отстрануваат со правилна термичка обработка, особено со претходно варење.
Дополнително, студијата наведува дека бамбусовите соединенија можат да го намалат создавањето штетни материи како фурани и акриламиди во готвената храна.
Бамбусот како суперхрана
„Нашиот преглед покажува јасен потенцијал бамбусот да стане суперхрана, но сè уште постојат празнини во знаењето кои треба дополнително да се истражат“, заклучува професорот Смит.


