Културните работници на 28 април пак излегуваат на протест: „Договорите не се поништуваат, уметниците не се понижуваат“
Под мотото „Договорите не се поништуваат. Уметниците не се понижуваат“, Синдикатот на култура иницира нов протест на 28 април од 13 часот, овој пат пред Уставниот суд, кој неодамна поведе постапка за оценување на уставноста на Колективниот договор за култура.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Ако денес молчиме, утре нема да има што да браниме. Излези. Биде гласен“, стои во повикот за протестот на Синдикатот.
Синдикатот пред една недела организираше протест и пред Министерството за култура и туризам, каде културните работници изразија незадоволство од, како што рекоа, одлуката на Уставниот суд да поведе постапка против Колективниот договор, како и поради прекршувањето на договореното во начинот на пресметка на платите.
„Уставниот суд не смее да биде алатка за реваншизам! Не смее да биде средство за казнување на оние што се гласни, што бараат, што постојат! Но ова не е прашање на милостина. Ова е прашање на права. Поднесовме 800 тужби, затоа што ни беа затворени вратите за дијалог, затоа што министерот одлуките ги носеше сам, со ‘негови експерти’, а без синдикатите“, рекоа меѓу другото од Синдикатот на протестот.
ВИДЕО | Kултурните работници повторно протестираа поради непочитувањето на колективниот договор
Оттаму порачаа дека културата не е трошок, туку инвестиција. Односно, „колку повеќе вложуваш во културата, толку повеќе добиваш – во луѓето, во свеста, во иднината на овој народ“.
„Но што добивме ние низ сите овие години? Институции сведени на бројки, наместо на вредности. Површни концепти наместо суштински визии. Губење на институционална тежина и доверба. Наместо систем што гради сигурност, добивме импровизација. Буџет зависен од политички одлуки. Унапредувања по блискост, а не по заслуга. Хиерархија на стручни звања која само формално постои без реална примена. Вработувања надвор од мерит-системот. Стратегии што се менуваат со секоја нова власт – и никогаш не заживуваат. Секоја власт со „нова визија“, а со тоа и прекин на долгорочните процеси. Истражувања се запираат, проекти се преиспитуваат, институциите стануваат терен за преориентација. Културата бара континуитет, таа е меморија. Таа бара стабилни институции – не привремени решенија“, рекоа синдикалците.
Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги протестите и револтот против Уставниот суд да поведе постапка за Колективниот договор, рече дека договорот не добил позитивно мислење од Министерството за финансии и дека за да биде тој применлив, неопходно е претходно да постои согласност од Министерството за финансии.
„На владина седница на 31 декември годината кога е поминат тој колективен договор е поминат без позитивна согласност од Министерството за финансии. Треба тоа да го знае јавноста и културните работници дека се манипулирани од мала група гласни луѓе што се таму во првите редови. Секоја година откако е оваа влада, буџетот за култура се зголемува. Но не се зголемува за програми толку многу и за капитални инвестиции, туку за нивните плати“, рече Мицкоски.
Културните работници се манипулирани од мала група гласни луѓе во првите редови, вели Мицкоски


