Кујнското катче на Ана Крстаноска: Зимска салата со брокула и јаболка
Ана Крстаноска е млада и креативна жена, која стои зад еден од најубавите инстаграм-профили за храна кај нас – „Ана кичен корнер“ (ana_kitchen_corner).
Препорачано
Готвењето ѝ е вистинска пасија и хоби на кое му пристапува со голема љубов и посветеност.
– Приготвувањето храна го доживувам како мое хоби, кое го надополнувам со многу љубов и внимание секогаш кога сум во можност. Среќна сум кога им спремам нешто вкусно на моето семејство и на моите пријатели и токму тоа ми ја полни душата со позитивна енергија – вели таа.
Денеска ви го претставуваме нејзиниот рецепт за зимска салата со брокула и јаболка.
– За сите љубители на слатко-солени комбинации ова е вистински погодок. Доколку не сте љубители на брокулата, нејзиниот вкус не е толку доминантен. Вкусовите толку се совпаѓаат што навистина е неодолива – вели Крстаноска.
Потребни состојки:
- 3 рендани јаболка
- 3-4 рендани моркови
- 1 чаша потпечени ореви
- 1 чаша суво грозје и брусница
- 1 чаша брокула
- 1 ситно исечкан кромид
За дресинг:
- околу 120 г павлака
- 50 г мајонез
- 2 лажици јаболков оцет
- сол
- 3 лажици мед
Подготовка:
Подготовката е навистина едноставна – изрендајте ги јаболката и морковот, па додајте ги сечканите ореви, сувото грозје, брусницата, сечканиот кромид и, на крај, исечканата брокула на помали парчиња.
Ставете од дресингот и дегустирајте.


