Кубанците се мислат да прифатат помош од Америка, која и ги доведе во ситуација да им треба помош
Кубанската влада соопшти дека е подготвена да ја разгледа американската понуда за хуманитарна помош вредна 100 милиони долари, во момент кога островот се соочува со една од најтешките енергетски кризи во последните години, објави „Би-би-си“.
Препорачано
Министерот за надворешни работи Бруно Родригез изјави дека Куба е „подготвена да ги слушне деталите од предлогот и начинот на кој би се спровел“, само неколку часа по протестите во Хавана предизвикани од новите масовни прекини на струја.
Во Куба деновиве се влоши долготрајната криза со недостиг на дизел и мазут, поради што земјата е погодена од долги рестрикции на струјата. Болниците работат со ограничен капацитет, дел од училиштата и државните институции се затворени, а кризата силно го погоди и туризмот, главниот извор на кубанската економија.
Ројтерс вечерва објави дека американски владин авион вечерта по локално време полетал од аеродромот во Хавана, а забележани биле неколкумина патници со куфери како се качуваат. Не се знае што барал американски владин авион на Куба и кој бил во него.
Куба остана без дизел и мазут, ситуацијата е исклучително напната
Куба со години зависеше од испораки на нафта од Венецуела и Мексико, но тие значително се намалија откако американскиот претседател Доналд Трамп им се закани со царини на државите што ќе испраќаат гориво на островот.
Во меѓувреме, американскиот Стејт департмент потврди дека понудата за помош од 100 милиони долари останува на маса, но наведе дека средствата би се распределувале преку Католичката црква и независни хуманитарни организации, а не преку кубанската влада.
Вашингтон порача дека сега е на Хавана да одлучи дали ќе ја прифати помошта или ќе биде одговорна за блокирање на „животно важна поддршка“ за населението.
Родригез изјави дека Куба не одбива странска помош кога таа е понудена „со добра намера и вистинска цел за соработка“, но додаде дека најдобар начин САД да помогнат е да ги намалат економските и енергетските санкции кон островот.
Во средата, по новите рестрикции што погодија големи делови од источна Куба и делови од Хавана, стотици луѓе излегоа на улиците, блокираа патишта со запалено ѓубре и извикуваа антивладини пароли.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел денеска ја нарече ситуацијата на островот „особено напната“.
Тој оцени дека американската „енергетска блокада“ дополнително ја турка Куба кон колапс.
Америка „енергетски ја изгладнува“ Куба со нафтената блокада, велат Обединетите нации


