Америка „енергетски ја изгладнува“ Куба со нафтената блокада, велат Обединетите нации
Експерти на Обединетите нации предупредија дека американската нафтена блокада врз Куба претставува „енергетско изгладнување“ кое има сериозни последици врз човековите права и секојдневниот живот на населението, објави „Франс 24“.
Препорачано
Тројца специјални известувачи на ОН во заедничко соопштение наведоа дека недостигот на гориво ги парализира клучните услуги неопходни за нормален живот.
„Куба е подложена на енергетско изгладнување од страна на САД“, порачаа експертите на Обединетите Нации.
Според нив, блокадата предизвикала сериозни проблеми во транспортот, здравството, снабдувањето со вода, образованието и електроенергетскиот систем. Експертите предупредуваат дека недостигот на гориво спречува луѓе да стигнат до болници, а деца да посетуваат училиште. Кубанскиот здравствен систем, според извештаите, има заостанати повеќе од 96.000 операции, од кои околу 11.000 се за деца.
Куба со години се соочува со економска криза, но ситуацијата дополнително се влоши откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе нова нафтена блокада во јануари. Оттогаш, само еден руски танкер успеал да стигне до островот.
Недостигот на гориво доведе до чести прекини на струја, проблеми со јавните услуги и дополнителен пад на туризмот, една од најважните индустрии за кубанската економија.
Експертите на ОН оценија дека користењето „енергетско изгладнување“ како средство за притисок е спротивно на меѓународните стандарди за човекови права.
Администрацијата на Трамп ја засили политиката на максимален притисок врз Куба по јануарското соборување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој важеше за еден од главните сојузници на Хавана.
Блокадата дополнително ја продлабочи најтешката економска и енергетска криза во Куба во последните неколку децении, а дел од аналитичарите предупредуваат дека на земјата ѝ се заканува хуманитарна катастрофа.


