Нови автобуси во Струмица / Фото - Слободен печат / Методи Здравев

Кривична пријава против Костадинов за злоупотреби во набавката на електрични автобуси

СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“.

Пријави се поднесени и против Д.П.С. (61) од Струмица, К.Б. (37) од Богданци, Л.Ј. (63) од Ново Село и Л.Ѓ. (62) од Струмица за „несовесно работење во службата“, како и против Г.П. (58) од Скопје, кој е осомничен дека помогнал во извршувањето на овие дела.

Според пријавата, Костадинов како градоначалник ги прекршил правилата при јавната набавка на електрични автобуси за ЈСП „Струмица-Транспорт“, ангажирајќи лице без потребните стручни квалификации и лиценца А за технички надзор. Во тендерската документација биле внесени спецификации кои речиси идентично одговарале на автобусите што биле набавени.

Д.П.С., директор на ЈСП „Струмица-Транспорт“, се товари дека пропуштил да спроведе должен надзор врз постапката, а комисијата за јавни набавки, предводена од К.Б. и членовите Л.Ј. и Л.Ѓ., го назначила истото неквалификувано лице како одговорно за реализирање на договорот.

Со овие постапки, ЈСП „Струмица-Транспорт“ набавило 10 електрични автобуси во вредност од 429.933.595 денари, при што е причинета материјална штета од поголеми размери, а под знак прашање биле доведени квалитетот, безбедноста и техничката веродостојност на возилата, велат од СВР Струмица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот