Критики од чешкиот премиер: Полска и Унгарија се неодговорни со блокадата на реформите на мигрантската политика

Петр Фијала/ Фото EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Чешкиот премиер Петр Фијала ги обвини денес во Прага владите на Полска и Унгарија дека се неодговорни кога ги блокираат реформите на политиката за азил и новите договори во Европската Унија за решавање на нелегалната имиграција, дека со тоа само се блокира и солидарноста со земјите кои примиле воени бегалци од Украина.

Тоа не е во интерес на Чешка, неодговорно е. Ја загрозува финансиската поддршка за оние земји кои се погрижиле за бегалците од Украина. Важно е да се знае дека Полска и Унгарија не го одбија пактот за реформа на азилот бидејќи не ни можеа, тоа се реши на министерско ниво. Тие во Европскиот совет ги одбија сите заклучоци кои се однесуваат на миграцијата“, кажа Фијала по средбата со словачкиот премиер Лудовит Одор.

Чешкиот премиер предупреди дека неговата земја примила најмногу украински бегалци по глава на жител, над половина милион од кои во Чешка останале околу 360.000, а дека поради бојкотот на премиерите на Полска и Унгарија не се усвоени заклучоците на последниот самит на ЕУ во кои имало и реченица дека мора да се најдат средства за помош на оние членки кои примиле украински бегалци.

„Не сме задоволни како сега изгледа политиката на миграциите. Сакаме промена. Неа ја нуди пактот за миграции. Конечно разговараме за јакнење на надворешните граници, постапка за одобрување азил на границите на ЕУ. Не е добро за чешките интереси да остане сегашната состојба“, кажа Фијала.

Покрај прашањето за поддршката на Украина и односот кон Русија поради што унгарскиот премиер Виктор Орбан ја блокираше соработката на Вишеградската четворка, сега групата ја парализира и противењето на Полска и Унгарија за солидарноста со членките на ЕУ кои се најмногу погодени од миграциските бранови.

„Никој не ја ликвидира В4. Таа има повеќе нивоа, димензии и таму соработката се одвива и ќе се одвива. Средба на премиерите ќе договориме кога ќе бидат формирани нови влади во Полска и Словачка“, кажа денес Фијала.

Полската владејачка партија Право и правда, како и во 2015, тврди дека муслиманските бегалци во Полска ќе донесат сцени како сегашните од немирите во Франција, што е фокусот на кампањата пред парламентарните избори во октомври.

Право и правда заедно со парламентарните избори ќе организира и референдум со прашањето дали Полјаците сакаат да примат 1.900 бегалци годишно од Италија, Шпанија или Грција, или да платат за секој одбиен сума од околу 20.000 евра или не.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот