Криминалците ја „хакираат“ Европа – вештачката интелигенција станува најново оружје на криумчарите со мигранти
Криумчарите на мигранти и трговците со луѓе сè побрзо ги приспособуваат своите методи, користејќи вештачка интелигенција (ВИ), шифрирана комуникација и крипто-плаќања за регрутирање, контрола и експлоатација на поединци, соопшти Европол во годишниот преглед за криминалните трендови, објави „Политика“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Извршната директорка на Европол, Катрин де Бол, предупреди дека двете поврзани криминални области се развиваат „со невидена брзина“ и дека ЕУ мора да одговори со засилени истраги и прекугранична соработка, е наведено во соопштението.
„Мора да ја таргетираме целата верига – од регрутирање до финансиските текови“, порача таа.
Европол наведува дека криминалните мрежи сè поинтензивно користат онлајн алатки – од ВИ-генерирано огласување и повеќејазични кампањи, до дигитален надзор врз жртвите на трговија со луѓе.
Шифрираните канали се користат за логистика во реално време, а крипто-платежните системи, поврзани со неформални банкарски мрежи, го олеснуваат прикривањето на паричните текови.
Наведено е дека криминалците „ги имитираат“ стратегиите на инфлуенсерите и нудат онлајн „туторијали“ за да шират знаење и да регрутираат нови членови.
Европол бележи раст на насилството врз мигрантите – киднапирања, закани, сексуални напади и мачење што се користат за изнуда и контрола.
Смртоносниот транспорт и понатаму е постојан елемент на криумчарењето.
Како пример се наведува неодамнешна операција во Шпанија, во која биле уапсени три члена на мрежа што испраќала мигранти од Сенегал и Гамбија кон Канарските Острови во дрвени чамци.
Патувањата траат и до 15 дена и редовно завршуваат со несреќи – осум лица, меѓу кои и бебе, загинале во еден од случаите документирани од Европол. Групите што се занимаваат со трговија со луѓе сè почесто функционираат во одделни ќелии за регрутирање, транзит и експлоатација.
Европол истакнува дека мрежите се „поагилни и меѓусебно поврзани од кога било“, користејќи дигитални платформи и глобални рути за брзо приспособување кон миграциските и безбедносните промени.
Резултатите на Европол за 2024 година во делот на криумчарењето мигранти опфаќаат 266 прекугранични операции, осум оперативни работни групи, 48 дена акции и 791 разузнавачки и аналитички извештај.
Во делот на трговијата со луѓе, се забележани 188 операции, три оперативни работни групи, 25 дена акции и 253 аналитички извештаи.
Европол го посочува и рекордниот обем на размена на информации: 43.000 внесови во бази на податоци во 2024 година, што е повеќе од тројно зголемување во однос на 2016 година. Како одговор, Европската комисија предложи нова регулатива што би ја зајакнала улогата на Европол.
„Проширување на Европскиот центар за борба против криумчарењето мигранти, поголем обем на размена на информации, зајакната обработка на биометриски податоци и дополнителни ресурси за сè поголемиот број истраги“, стои во соопштението.


