„Креди јес“ е затворена, но должниците ќе мораат да ги вратат позајмените пари
Должниците кои зеле брзи кредити од затворената фирма „Креди јес“ ќе мораат да ги вратат земените пари по истите услови под кои ги зеле кредитите, предупредуваат од Министерството за финансии.
Препорачано
Министерството пред десетина дена соопшти дека „голема фирма за брзи кредити“ е затворена поради неправилности во работењето, а Финансии отпрво не кажуваше за која лихварница станува збор.
Од Министерството за финансии велат дека Законот за финансиските друштва и другата релевантна регулатива не пропишуваат отпис на долгови, па според тоа задолжените граѓани не можат да сметаат на отпишување на долгот. Доколку не ги вратат парите, ќе им се пресметуваат казнени камати, пишува „Плусинфо“.
Сепак, од МФ појаснуваат дека граѓаните кои сметаат дека на некаков начин се оштетени од друштвото, можат да покренат судска постапка.
– Нагласуваме дека граѓаните имаат право да го оспорат договорот за кредит пред надлежен суд, доколку сметаат дека се оштетени од страна на друштвото, односно доколку сметаат дека друштвото прекршува некоја од договорените одредби – велат од Министерството.
Според Законот за финансиските друштва, по одземањето на лиценцата, друштво не смее да врши финансиски активности, освен оние кои се неопходни за зачувување на имотот на друштвото и наплата на побарувањата. Тоа значи дека „Креди Јес“ не смее да одобрува нови кредити, но може да ги наплаќа постојните побарувања.
По одземањето на лиценцата, друштвото има рок од 15 дена да поднесе жалба, период во кој, според Законот за финансиски друштва треба и да покрене постапка за ликвидација или стечај, по што се постапува согласно Законот за трговските друштва или Законот за стечај.
Голема фирма за брзи кредити останала без лиценца, министерството не открива која


