Ковачевски за случајот со д-р Софијанова: Ако има прекршувања, веднаш да се постави нов директор на Детската клиника

Фото: ТВ Клан / принтскрин

Премиерот Димитар Ковачевски во врска со прилогот кој го објави ТВ Клан околу дежурствата на директорката на Детската клиника д-р Аспазија Софијанова на Клиниката, изјави дека доколку во конкретниот случај има прекршување на работните процедури и на овластувањата, веднаш да се постави нов директор на Детската клиника.

– Јас нема да навлегувам во квалификации за нешто за што немам детали пред мене. Но, веќе разговарав со министерот Сали, доколку има прекршување на работните процедури и на овластувањата веднаш да постави нов директор во Детската клиника, рече премиерот Ковачевски во одговор на новинарско прашање по посетата на Општата градска болница во Гостивар.

Министерот за здравство Беким Сали посочи дека за секој поединечен случај во кој има злоупотреба, секако дека ќе има санкции.

– Моја одговорност и на Министерството е системски да ги решаваме проблемите иако повремено се појавуваат недоследности, односно злоупотреби од типот на почитување на работното време, начин на имплементација на Колективен договор. Во конкретниот случај има сомнеж за злоупотреба на почитување на Колективниот договор, според кој директорите имаат право да дежураат, да работат со пациенти. Тоа е измена во Закон која што беше направена пред две години, затоа што имавме случаи кога директор станува лице кое што е главен раководител на еден оддел и во тој случај пред заминување во директорската функција и немањето можност во одделот се чувствуваше таа празнина во секојдневната работа на болницата. Им се даде можност на директорите да дежураат и да работат со пациенти. За секој поединечен случај кој што има злоупотреба секако дека има санкции, рече Сали.

Наша работа, како што потенцира министерот Сали, е системски да ги решаваме недоследностите и можните проблеми кои што се појавуваат, а поединечните случаи ќе бидат во надзор на Фондот за здравствено осигурување, имајќи во предвид дека тие се финансиери на јавните здравствени установи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот