Д-р Софијанова: Никогаш не сум земала плата од 300.000 денари, никогаш!

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Откако вчера ТВ Клан објави видео од канцеларијата на директорката на Детската клиника д-р Аспазија Софијанова, во кое нивниот новинар Фуркан Салиу изнесе низа обвинувања за тоа колкава плата зема, дека повеќе заработува од дежурства, од Детската клиника испратија соопштение во кое нагласуваат дека надоместоците за дежурства се целосно регулирани исто како што нормативно се регулирани и платите и приходите на сите вработени во Клиниката за детски болести.

-Клиниката за детски болести сака да ја информира јавноста дека месечната исплата на надоместоци на вработените се извршува со примена на Законот за здравствена заштита,  каде што истите се утврдени во: член 216 – Дежурство, член 217 – Посебен случај на дежурство, член 218 – Готовност, член 219 – Плата и дел од плата за работна успешност, и член 220 – Додаток за работа во дежурство и готовност. Во овие членови е јасно наведено во кои околности и услови се исплаќаат надоместоците, за дежурствата кои се целосно утврдени, за состојба на готовност кога здравствениот работник треба да биде 24/7 достапен на телефон или со други сретства за комуникација, како и за сите останати надоместоци, соопштија од Детска клиника од каде во посебен документ ги испратија и споменатите членови од Законот за здравствена заштита.

-Сакаме да укажеме дека пресметката за надоместоците на директорката д-р. Аспазија Софијанова никогаш не била исплатена со надоместоци во износите кои беа на одредни документи презентирани во јавноста, нагласуваат во соопштението, демантирајќи дека докторката месечно заработува околу 5.000 евра како што и` предочуваше новинарот Салиу, повикувајќи се на документи кои ги добил.

Од Клиниката за детски болести изразуваат жалење за начинот на комуникација во текот на вчерашниот ден.

И директорката Софијанова на својот Фејсбук профил испрати посебна реакција за вчерашниот настан во нејзината канцеларија.

-Секогаш и во секоја прилика во мојата долгогодишна кариера сум била, се уште сум и ќе останам транспарентна за новинарите. Во текот на вчерашниот ден после 24 часовно дежурство, после предавање на студенти и одржани вежби, добив барање од новинарот Фуркан Салиу да разговара на тема за децата со Цистична фиброза. Го поканив и разговорот наместо најавената тема се претвори во настанот кој за жал веќе го видовте вчера во кој реагирав бурно на сосема неточни обвинувања кон мене за месечните примања. Ниту еден денар немам земено надвор од мојата работа, работам само на Клиниката за детски болести и никаде на друго место. Начинот на пресметка на дежурства е утврден со соодветен правен акт и истиот се почитува до детал. И, на крај никогаш мојата плата не била 300.000 илјади денари, никогаш, реагираше директорката д-р Софијанова.

Од друга страна новинарот Фуркан Салиу по објавата на видеото дополни дека тоа го сторил со намера да се обезбедат фер услови за сите лекари.

-Се знае зошто бегаат од оваа држава. Јас сум за да се платат директорите по 5000 евра за да нема корупција, ама толку треба да бидат платени и лекарите за да не мора да бегаат од оваа држава, напиша Салиу на Твитер.

Реакција на ВМРО-ДПМНЕ

Најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ во чие време на владење докторката Аспазија Софијанова беше поставена за директор на Клиниката за детски болести, а беше избрана и за пратеник од редовите на оваа партија, денеска остро реагираше за овој, како што нагласија нов „скандал во здравствениот систем управуван од неспособните кадри на СДС и ДУИ“ заедно со плаќањето на 8,5 милиони евра пенали поради откажаниот готов проект за Клиничкиот центар“.

-Видовме како директорка на болница земала енормни парични средства под ставката вонредни дежурства, во состојба кога докторите во државното здравство врзуваат едвај крај со крај. Злоупотребата на дежурства и дополнителни работни саати, за да се пишуваат баснословни плати на поединци е доказ како функционира власта. Воедно таков сомнеж за криминално работење е невозможен без одобрување и на економскиот директор на детската клиника кој е кадар на ДУИ кој одобрил такви сомнителни исплати. Воедно се чини дека со секој нареден скандал е тенденција да се покрие претходниот. Додека обичните лекари едвај врзуваат крај со крај, власта паушално полни со пари неколку лекари. Буџетот, кој го полнат граѓаните буквално се оштетува со пишување на двојни работни саати, кои се забранети со закон, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата изразуваат чудење како може директорката да заработува месечно плата со надоместоци од 5.000 евра, во „состојба кога докторите во државното здравство едвај врзуваат крај со крај и не земаат ниту половина од таа сума“, што пак, според ниве е срам за системот.

-Секој лекар специјалист кој има 3 обични дежурства и две викенд или празнични дежурства има максимум 1.700 евра плата. Плаќањето на одредени лекари двојно повеќе е понижување за сите други, и е основан сомнеж за постоење на сериозни злоупотреби. Го повикуваме ДСЗИ да направи контрола во сите клиники во Клиничкиот центар за извршени плаќања на плати и дежурства. Министерството за здравство да реагира, и да се утврди кој потпишал исплата на плати двојно поголеми од тоа што максимално земаат други лекари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот