Ковачевски јавил во СДСМ дека ќе дава интервју, но од партијата не му одговориле
Поранешниот премиер и претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ рече дека ги испочитувал партиските процедури околу јавните настапи и ја информирал партијата дека е повикан на интервју, но оттаму не му одговориле.
Препорачано
На прашањето дали има одобрение од Извршниот одбор на СДСМ за неговото гостување, Ковачевски во шега рече:
„Па, ги информирав, но никој не ми врати назад дали може да дојдам или не. Така да, вие веќе најавивте“.
Во интервјуто, Ковачевски остро ја критикуваше власта за справувањето со ценовните шокови. Според него, граѓаните веќе се соочуваат со „европски цени“ на велигденската трпеза, додека инфлацијата директно го јаде семејниот буџет.
За него мерките донесени од Владата се „задоцнети и недоволни“ за да го спречат растот на цените. Тој посочи дека клучните прехранбени продукти и енергенси веќе достигнаа рекордно високи нивоа.
„Имаме реална инфлација која граѓаните ја чувствуваат на својот џеб. Цените на дизелот и маслото за јадење веќе се движат околу 100 денари, а растат и цените на лебот, јајцата и месото. Најмногу се погодени оние кои имаат најмалку, бидејќи храната зафаќа најголем дел од нивните приходи“, изјави Ковачевски.
Поранешниот премиер рече дека има драстичен пад во странските директни инвестиции од 74%.
Тој критикуваше и за екологијата и за загадувањето на Скопје.
„Државата се гуши во ѓубре, а Скопје е постојано на врвот на светските листи по загаденост. Тоа граѓаните не го заслужуваат. Несфатливо е во 21 век сè уште да дебатираме дали горилниците во центарот на градот загадуваат“, рече Ковачевски.


