Коста нема да одговара за делото, полицијата истражува што пребарувало момчето на интернет

Фото Слободен печат

Помина една недела од масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“. Коста К. (13), осомничен дека застрелал осум соученици и обезбедувањето на училиштето, а тешко повредил седум други, е на опсервација на Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и младинци. Тој нема да одговара за делото за кое е обвинет, со оглед на тоа што законот вели дека децата кои не наполниле 14 години (Коста ќе наполни толку во јули) не одговараат кривично.

Иако сторителот на делото не може кривично да одговара, како што дознава српска „Политика“, истражните органи заеднички работат на утврдување на сите факти поврзани со трагичниот настан.

– Како што е најавено, истрагата се води во повеќе насоки. Се испитува што К. К. барал на интернет, како носел оружје и молотови коктели на училиште, дали некој и на кој начин го инспирирал да изврши кривично дело, зошто како малолетник бил пуштен на стрелиште каде вежбал гаѓање во цели. Сите околности на овој настан се утврдуваат, но засега е рано да се зборува за нив – вели соговорникот на „Политика“ близок до истрагата.

Додека родителите на убиените деца ги организирале погребите, Вишото јавно обвинителство во Белград покрена истрага против таткото на момчето, Владимир К. обвинувајќи го за тешко дело против општата безбедност. Таткото, осомничен дека несоодветно го чувал оружјето со кое момчето пукало во врсниците, дека го однел детето на стрелиште и го научил да пука иако има 13 години, на рочиштето негираше се за што беше обвинет. По рочиштето кое траеше со часови, на предлог на обвинителството, Владимир К. одредена му е мерка притвор до 30 дена.

Додека Коста К. е во здравствена установа, а татко му е во притвор, во јавноста се дадени најразлични информации: дека момчето било жртва на врсничко насилство, поради што ја сменил клас, дека (како што потврди првиот службеник на белградската полиција, Веселин Милиќ) имал список на ученици кои планирал да ги убие, дека некое време пред страшното злосторство проверувал на интернет дали може да одговори и како да направи бомба. Последна во низата информации за овој страшен настан е дека момчето не покажувал никакви емоции, дека не изразил желба да се види со родителите и дека го интересирало само кога ќе биде пуштен дома.

По ова злосторство се огласија многу функционери, професори, експерти од различни области во Србија. Многумина го вперија прстот кон родителите тврдејќи дека не зборувале доволно со своите деца и дека не им се посветуваат колку што треба. Тие се согласија за едно: дека тоа е трагедија од големи размери, дека последиците се несогледливи и дека нешто треба да се промени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот