Коронакризата го вивна во подем платонското кородителство: Дали сте за платонско, неромантично родителство?

pixabay

Кај нас, сè уште, овој нов начин на платонско родителство не е толку познат, ама почекајте, модата ќе пристигне пред првото бебе.

Денес семејствата не се исти како порано, колку пати сте ја чуле оваа реченица? И ова не нè изненадува – тоа е одраз на општеството што претрпува длабоки промени, склопувањето бракови постојано опаѓа, се зголемува бројот на разводи и разделби и сè e помал бројот на деца во семејствата. Во Македонија малку е позната темата на платонско кородителство, но таа е многу популарна кај нациите – претежно англосаксонски – како што се САД, Канада и Австралија, а во Европа од 2008 година постои доста посетена интернет-страница, таканаречена „за спарување“. Поради коронакризата кородителството станува сè повеќе популарно.

За луѓето ширум светот пандемијата стави во мирување бројни аспекти од нивниот живот. Од средби до планови за годишни одмори, многу работи се одложија на небулозно неодредено време „кога ќе има вакцина“. Но, што е со луѓето кои сакаат да донесат голема животна одлука – како, да речеме, да имаат дете? фото pixabay

Што прават идните кородители? Се запознаваат преку еден од интернет-сервисите што постојат за оваа цел, не споделуваат емоции ни романтика, туку се договараат да имаат дете и заедно да го воспитуваат без да живеат под ист кров. Кородителите обично живеат во посебни домови, па дури и во различни држави, слично како разведените, и избираат да бидат родители без да бидат пар. Мотивацијата за оваа одлука е јасна – не ја запознале вистинската личност, а имаат чиста и едноставна желба да имаат деца. Очигледно не станува збор за брак, ниту за соживот, ниту за љубов и слични „работи“. На повеќето вакви онлајн-страници може да сретенете и жени кои едноставно бараат донатори на сперма (или мажи кои би ги оплодиле), како и мажи кои гордо го нудат тоа, подвлекувајќи во објавата дека тие веќе се татковци на барем 3-4 деца, ако не и на десетици, стотици.

Платонското кородителство, денес како концепт, го поддржува растечка бројка луѓе. „Гардијан“ забележува дека овој феномен постои со години во геј-заедниците, но сега станува сè поголем кај хетеросексуалците кои се заинтригирани од идејата за родителство без романтична врска, додека интернет-страниците „за спарување“ поради коронакризата забележале значително зголемување на посетеноста.

Платонското кородителство им нуди голем број предизвици на оние што учествуваат во тоа. За некои, постои прашање на општествено прифаќање; за други, постои проблем околу најдобриот начин да се создаде стабилна средина за своето дете. Сепак, овој пристап може да биде вистинскиот за некои луѓе кои се фрустрирани од други опции што им се достапни.

 

 

Видео на денот