Копачите на биткоин го менуваат правецот – стануваат дата- центри за вештачка интелигенција
Копањето на криптовалути се наоѓа пред најголемата трансформација досега: постојните постројки за копање на биткоин ќе бидат пренаменети во дата-центри за вештачка интелигенција до 2027 година, што означува пресвртница во дигиталната економија и инфраструктурните инвестиции.
Препорачано
Компанијата Bitfarm, еден од значајните глобални копачи на дигиталната валута најави стратешки чекор, целосно го напушта рударењето на биткоин и преминува на изградба и управување со дата-центри за вештачка интелигенција. Нејзините рударски погони, со вкупен енергетски капацитет од 341 мегават, ќе бидат пренаменети за поддршка на GPU кластери и системи за AI модели. Bitfarm истакнува дека веќе поседува клучни ресурси кои се компатибилни со потребите на AI инфраструктурата: големи енергетски капацитети, индустриски објекти и стабилна мрежна инфраструктура. Благодарение на тоа, компанијата може веднаш да ја започне трансформацијата, без долг процес на изградба на сосема нови центри.
Фирмата вели дека го напушта крипто-бизнисот со криптовалути поради тоа што последниве години се соочува со сериозен притисок како раст на трошоците за електрична енергија, зголемена конкуренција, намалена профитабилност, зголемени регулаторни барања и притисок за енергетска ефикасност. Од друга страна, пазарот на AI инфраструктура доживува експанзија, со постабилни и попредвидливи приходи преку закуп на пресметковни капацитети.
За овие компании преминот кон AI е природен чекор. Тие веќе го имаат она што денес е најбараниот ресурс во технолошкиот свет – енергетски капацитети и простор. Бидејќи AI серверите се екстремно барани, а изградбата на нови центри е скапа и споро се реализира, овие погони стануваат „краток пат“ до современи AI капацитети.
Овој тренд веќе има значајно влијание. Акциите на компаниите кои најавија премин кон AI бележат раст, инвеститорите сега гледаат на копачите како на идни провајдери на AI инфраструктура, а не само како дел од крипто-екосистемот. Како што стојат работите, копањето на криптовалути влегува во нова ера во која биткоинот повеќе не е централниот фокус, туку станува платформа за премин во глобалната AI револуција.


