Контаминирани капки за очи го одземаат видот и создават инфекции кои се отпорни на лекови

Неколку недели откако американскиот Центар за контрола и превенција на болести ги предупреди давателите на здравствени услуги да престанат да користат популарна марка на капки за очи поради инфекциите што доведоа до еден познат смртен случај, уште две лица наводно го загубиле животот.
Почнувајќи од 14 март, на 68 пациенти во 16 американски држави им биле дијагностицирани инфекции предизвикани од редок вид на бактеријата „Pseudomonas aeruginosa“ отпорен на лекови.
Покрај смртните случаи, пријавено е дека осум лица го загубиле видот, а уште четири случаи барале хируршки отстранување на најмалку едно око, пренесува „Science alert“.
Повлечени се повеќе од 10 различни марки вештачки солзи. Повеќето случаи се поврзани со капките за очи „EzriCare“ и „Delsam Pharma“, произведени од индиската „Global Pharma“.
Pseudomonas е вид на бактерија која се наоѓа во околината. Инфекцијата се шири поради лоша хигиена како што се нечисти раце или преку медицински инструменти и опрема кои не се соодветно исчистени и дезинфицирани.
Бактеријата е отпорна на повеќе видови антибиотици и предизвикала околу 32.600 инфекции меѓу хоспитализираните пациенти во САД и околу 2.700 смртни случаи, според Центар за контрола и превенција на болести.
Американската агенција за храна и лекови (ФДА) минатиот месец издаде предупредување до здравствените работници и јавноста да не купуваат вештачки солзи „EzriCare“ или „Delsam Pharma“ поради потенцијална бактериска контаминација.
По предупредувањето, „Global Pharma“ доброволно ги повлече двата производи, известувајќи ги дистрибутерите. Тие ги советуваа сите да престанат да го користат производот. Не долго потоа, ФДА, исто така, препорача „Global Pharma“ да ја повлече вештачката маст за очи на „Global Pharma“, на што компанијата се согласти. Засега нема извештаи за инфекции поврзани со овој производ.
ЦДЦ ги предупреди сите со симптоми на инфекција на очите кои користеле капки за очи „EzriCare“ или „Delsam Pharma“ веднаш да побараат медицинска помош.
Симптомите вклучуваат жолт, зелен или јасен исцедок од окото, болка или непријатност во очите, црвени очи или црвени очни капаци, чудна сензација во окото, зголемена чувствителност на светлина и заматен вид.
„Продолжуваме да ги следиме случаите и собираме дополнителни информации за клиничкиот тек и исходот на пациентите. Ги ажурираме случаите штом ги пријават државните здравствени оддели“, изјавија од ЦДЦ за „NBC News“.