Комисијата за заразни болести утре ќе ги реши дилемите за тоа што е вакцинирано дете, а што не е

Д-р.Илир Демири, Фото: Илир Демири Фејсбук Демири

Комисијата за заразни болести утре ќе одлучува дали ќе се направи отстапка со која на децата кои се нецелосно вакцинирани против пертусис согласно возраста, а имаат закажано термин, ќе им се дозволи да ги посетуваат градинките. Засега сите се ставени во ист кош, и оние кои се невакцинирани и оние кои не можат да бидат вакцинирани зашто подоцна ја примиле вакцината. Во Скопје е прогласена епидемија од голема кашлица а здравствените инспектори издадоа забрана градинките да не ги примаат невакцинираните и нецелосно вакцинираните деца, независно од причината. Родителите се жалат дека нема како да одат на работа, егзистенцијата им е загрозена, а следниот датум за закажана вакцина против Ди Те Пер им е за неколку месеци.

-Во моментов имаме подигнато портокалово знаме. Не треба да чекаме да се прогласи епидемија на државно ниво за да пристапиме на зголемување на вакциналниот опфат. Жалам што одредени деца се вакцнирани со задоцнување. Но, според Законот за здравствена заштита принципот на вакцинација за Ди Те Пер важи со три дози во вториот, четвртиот и шестиот месец од животот. Ако е завршена оваа вакцинација, тука се работи за пациент кој е вакциниран. А после следат ревакцинациите на 18 месеци и седумгодишна возраст. Забраната треба да важи за пациенти кои не се вакцинирани, смета министерот за здравство доктор Илир Демири.

Тој вели дека фокусот треба да биде кон сензибилизација на вакцинацијата.

-Ќе има состанок Комисијата за заразни болести и ќе има коментар кој ќе произлезе од состанокот на Комисијата за заразни болести. Според тој коментар кој ќе го даде комисијата, ќе го почитуваме сите, рече министерот Демири.

Тој вели дека „според прописи и сознанија ако некој е вакциниран со три дози Ди Те Пер не гледа причина зошто не би бил примен во градинка“.

Но, состојбата на терен не е таква. Нема ни унифициран став дали ревакцината треба да се прими 6 месеци после третата доза, или пак една година после третата доза. Правилникот за имунопрофилакса е дециден дека првата ревакцина се прима после една година, ама на терен, во Скопје, вакцинираат и после шест поминати месеци. Според податоците 14 илјади деца во Скопје се нецелосно вакцинирани.

Доктор Лилјана Ристовска Деспотовска, генерален инспектор во Државниот здравствен и санитарен инспекторат вели дека до вчера,  вкупно се извршени 47 инспекциски надзори во Јавни установи-детски градинки и 2 инспекциски надзори во приватни градинки на територија на град Скопје и 22 објекти на територијата на државата.

Поголема е бројката на некомплетно вакцинирани деца кои доцнеле со примање на првите три дози заради кое се поместува и првата ревакцина и тоа во Јавните установи. ДСЗИ не се соочува со проблеми од антиваксерски движења но голем е бројот на телефонски повици од родители кои бараат појаснување на мерката невакцинирани односно некомплетно вакцинирани деца. ДСЗИ со решение наложи мерка – забрана за прием на деца кои се невакцинирани или некомплетно вакцинирани деца на територијата на град Скопје со оглед дека епидемија е прогласена за таа територија. Но согласно Налогот на Министерот за здравство за вршење на вонредни инспекциски надзори на територијата на Република Северна Македонија, ДСЗИ ја почитува таа Наредбата и отпочна со вршење на надзори и скенирање на состојбата со прием на деца без уреден вакцинален статус и во другите градови, вели доктор Ристовска Деспотовска за „Слободен печат“.

Инспекторите констатирале дека Министерството за здравство до сите градинки во државата доставило одлука во која е наведена мерка за забрана за прием во градинките на невакцинирани деца. Во Скопје е прогласена епидемија на голема кашлица. На 15-ти месецов ќе пристигнат вакцните за возрасни.
Утринава регистрирани се 5 нови случаи на голема кашлица во Скопје. Пациентите се претежно на училишна возраст, а еден е на 44 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот