Комисијата ги обвини граѓаните: Ако не ги почитувате мерките, ни Господ не може да ви помогне!

Непочитувањето на мерките, неносењето маски, групирањето и ифтарските вечери ни се удрија од глава како бумеранг, посочи вчера претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, објаснувајќи ја состојбата со енормното зголемување на бројот на заразени со коронавирусот. Според првиот човек на Комисијата, по Бајрам, има исто толку нови заразени, колку што имало кумулативно во целиот изминат период претходно од почетокот на пандемијата.

Скопје / Јуни 2020 / Фото: Слободен печат /Драган Митрески

Добрата вест, сепак, е тоа што вирусот слабее, односно во просек, од 10 случаи 8 се без симптоми, а двајца хоспитализирани, што според доктор Караџовски е позитивен сигнал.

На свадба во мај во скопската населба Долно Нерези имало 100 луѓе во домашен амбиент и тоа е само еден од примерите на групните собирања поради кои епидемиолозите имаат полни раце работа за да ги испитаат контактите во потенцијалниот нов кластер. Во врска со претходниот викенд, кога на територијата на Скопје имаше полициски час, а граѓаните нагрнаа во туристичките места и во други градови каде што немаше мерки, Караџовски рече дека е можно, ако се асимптоматски носители, да го пренесат вирусот и таму каде што биле.

Доктор Караџовски рече дека не чувствува никаква лична одговорност за зголемениот број заразени и не го криеше разочарувањето од тоа што препораките не се почитуваат.

– Излезете во маалата каде што живеете, пред зградите и видете колку од мерките се почитуваат. Не комисија, Господ не може да ви помогне ако мерките не се почитуваат – рече револтирано доктор Караџоски.

Скопје / Јуни 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Докторот алармираше политичките препукувања на партиите што се прекршуваат на грбот на Комисијата за заразни болести да престанат, а граѓаните да ги почитуваат мерките.

– Сè што работам, работам во интерес на државата, а тоа колку пати не сум ручал, вечерал или дошол дома, тоа јас знам – рече Караџовски за прозивките за одговорност.

Тој апелираше како држава да не дозволуваме самите себе да си пресудуваме, да воведуваме рестрикции во момент кога цела Европа се отвора.

Јуни 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Пред Бајрам, според него, Комисијата препорачала да има полициски час од четвртокот, но Владата решила поинаку.

– Почитувани граѓани, Комисијата изготвува протоколи и ги дава на министерот за здравство. Ние сме стручно, советодавно тело, ние не сме влада и не донесуваме директни одлуки. Ве молам да ги почитуваме мерките за да може да испливаме од оваа вода – порача епидемиологот.

Директорот на ЦЈЗ Скопје, доктор Арбен Зибери, тврди дека шеесет проценти од активните случаи во Скопје се без никакви симптоми, поради што сите граѓани треба да бидат уште попретпазливи.

– Во последните денови имаме многу такви случаи, кои се асимптоматски и можат полесно да ја шират болеста. Да ги почитуваме мерките, да ја држиме физичката дистанца, да не се групираме и да носиме заштитни маски – истакна Зибери.

Клиника за инфективни и фербилни болести / Скопје, 3 јуни 2020 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Зошто сме на 103. место на листата на „Форбс“?

Во врска со истражувањето во кое Македонија се рангира на 103. место на листата на најнебезбедни земји во справувањето со коронавирусот, доктор Караџовски рече дека нема земја во светот што сугерирала поинакви мерки од оние што во Македонија постојано се апелира да се почитуваат, односно дека ако листата била правена пред 20 дена, ситуацијата би била поинаква.

– Иако истражувањето го пренесе „Форбс“, сепак тоа истражување не е на „Форбс“, туку „Форбс“ само го пренесува. Истражувањето го направила компанијата „Дип нолиџ груп“ во сопственост на рускиот тајкун Дмитриј Камински, и тоа од корпорација со деловни интереси во истражувањата на болести, стареењето и регенеративната медицина – рече доктор Караџоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот