Протест за правда по трагедијата во Кочани / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Колективно заздравување или колективно непочитување – Одбележувањето на Петровден ги подели кочанчани

Многу родители гласно прашуваат – дали сега е „вистинско време“ за прослава, откако Општината реши сепак да се одржи традиционалната манифестација, која годинава се нарекува „Во сеќавање…“ и е во чест на загинатите

Поминаа четири месеци од трагедијата во Кочани. Болката не стивнува. Дел од граѓаните сè уште носат црнина, други се обидуваат да се повратат од шокот.

За жал, продолжуваат поделбите и за оваа трагедија, а најнов повод за тоа е денешниот настан со наслов „Во сеќавање…“, посветен на младите што загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“. Утре ќе се одржи и 14. „Марш на ангелите“, кој почнува во 18:05 часот во Градскиот парк, а во исто време се одржува Петровденска манифестација во центарот на Кочани.

Многу родители гласно прашуваат – дали сега е „вистинско време“ за прослава?
Дел од граѓаните се револтирани и се категорично против одржувањето какви било концерти и забавни програми, сметајќи дека прослави на само четири месеци по трагедијата е непочитување кон прерано починатите.  Други, пак, сметаат дека дружбата и музиката се потребни за колективното „заздравување“, бидејќи животот мора да продолжи за другите.

Протест Кочани Фото: EPAEFE/GEORGI LICOVSKI

Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, основано од родителите на трагично загинатите, побара од Општина Кочани да ги одложи забавните содржини:

„В сабота, според агендата, ќе сведочиме на болен апсурд – од протестниот ‘Марш за ангелите’ директно на концерт. И тоа со нас, родителите и блиските, во прв ред. Ве повикуваме – покажете почит! Кон нашите деца, кон нашата болка, кон нашата тишина. Тринаесет саботи по ред, на пеколни температури, стоиме со скршени срца и се молиме за правда, не само за нашите деца, туку и за вашите. За никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија!“, се обрати Здружението до в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски.

И покрај писмените барањата да Општината и реакциите на социјалните мрежи, Општина Кочани сепак одлучи да ја одржи програмата по повод Петровденската манифестација.

Според програмата, во попладневните часови, во знак на сеќавање и почит кон загинатите во пожарот, во салата на Центарот за култура „Бели мугри“, ќе се одржи настан посветен на прекинатата младост на 62-те жртви од 16 март. Вечерта, на Петровден, во музичкиот дел ќе настапат диџеј Оли, групите „Без памет“, Пијан Славеј и „Суперхикс“.

фото: Сајт на оптшина Кочани

Во рамките на празничната програма, исто така на 12 јули, предвидени се и меѓународен фестивал на влашки песни „За Петровден сите на планина“, средба на градоначалникот со најдобрите ученици, настанот „20 часа урбан здив“, Петровденскиот традиционален планинарски марш, како и финалниот натпревар од Петровденскиот турнир во мал фудбал.

„Слободен печат“ испрати прашања до в.д. градоначалникот Крстевски во врска со настанот, но тој не ни одговори до затворањето на весникот. Претходно, по бурните реакции на социјалните мрежи, в.д. градоначалникот Венко Крстевски писмено се обрати до јавноста:

– Не зборуваме тука за големи забави, туку за моменти кога можеме заедно да слушаме музика, да се видиме со семејството и со пријателите што ретко ги среќаваме, да си дадеме сила еден на друг. Младите се нашето утре. Им треба простор да зборуваат и да не се чувствуваат сами, но и немаме опција да дозволиме нивна дружба по другите градови и небезбедно враќање оттаму. Ова не значи дека го забораваме минатото, туку дека ја прифаќаме болката и пробуваме да се бориме со неа заедно – вели Крстевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот