Кој тропа кај Груевски во Будимпешта: Димитриевски и Груби разоткриваат партиски пазарења

Кој тропа кај Груевски во Будимпешта: Димитриевски или Груби /Фото колаж: Слободен печат/Фејсбук

Вратата од станот во Будимпешта на избеганиот осуден екс премиер Никола Груевски изгледа е ширум отворена не само за сопартијците од ВМРО-ДПМНЕ туку и за други политичари, судејќи според интензивните препукувања меѓу кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и првиот вицепремиер Артан Груби.

Двајцата откриваат дека во Будимпешта кај Груевски имало различни пазарења и барања од екс лидерот на најголемата опозициска партија во кој сега власта можеби гледа и последна надеж за мобилизирање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за да ги изгласаат измените на Уставот за вклучување на бугарското малцинство и отворање на патот кон ЕУ. Или пак сето тоа се само идеи и некаква стратегија која ќе се спроведе во наредниот период и пред парламентарните избори.

Максим Димитриевски на локалните избори во 2021 настапи како независен кандидат и освои реизбор во Куманово, а периодов  активно работи на нов политички субјект – граѓанско движење „За нашите граѓани“ со кое веројатно ќе настапи на престојните парламентарни избори.

Димитриевски денеска повторно го запраша Груби за средбите во Будимпешта поставувајќи му неколку „бонус“ прашања.

– Дали е точно дека е одржана средба меѓу тесното раководство на СДСМ и ДУИ на која е одлучено да се побара помош од Будимпешта? Дали е точно дека на таа средба е одлучено лице за контакт со Будимпешта да биде г-динот Груби? Дали е точно дека за помошта од Будимпешта, побарано е закон за “амнестија” (актуелните измени на членовите во КЗ) и обзбедување на дополнителен број на пратеници за уставни измени? За местото на одржување на средбата меѓу тесното раководство на СДСМ и ДУИ, и темите на истата, во некоја друга прилика, му напиша Димитриевски на Груби во објава на Фејсбук.

Груби претходно го обвини Димитриевски дека кај Груевски договорил ВМРО-ДПМНЕ да му ги даде гласовите на локалните избори со кои стана градоначалник на Куманово.

-Максо, не ти личи да лажеш и да се резилиш вака јавно, освен на телевизија, па да продолжиш да лажеш и на Фејсбук а тоа да ти претставува чин за гордеење. Или ова е само за да бидеш интересен 5 секунди и да те има по портали? Знам дека е поразително, ама јас во Будимпешта не сум бил никогаш во живот и не сум се сретнал никогаш со било кого ниту во Будимпешта ниту во Унгарија. Ај веќе кога ти пишав, дај кажи им на твоиве на Фејсбук, дали ти во Будимпешта договори ВМРО да ти ги даде гласовите на локалните избори на кои стана градоначалник на Куманово? Ама кажи искрено, немој да лажеш пак! -му пиша Груби на Димитриевски.

Одговорот на Груби/Скриншот/Фејбук

Овој пост на Груби дојде откако Димитриевски во интервју за Канал 5 во средата јавно го праша вицепремиерот во Владата и висок функционер во ДУИ како поминал во Будимпешта и побара „да даде детали на што се должела посетата, доколку е точно?!“.

-Во оваа држава се прават многу непринципиелни разговори и многу непринципиелни коалиции, нагласи Димитриевски.

Според податоците на Коалицијата „Сите за правично судење“ со измените на Кривичниот закон кои беа експресно донесени во Собранието ќе застарат следните случаи во кои се обвинети функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивни коалициони партнери: ТНТ, Талир, Талир 2, Трезор, Тарифа, Дизајн, Топлик, Титаник, Тендери, Титаник 2, Траекторија, Шпански скали, Таргет/Тврдина, Предмет за Стевчо Јакимовски.

Груевски со новите измени се ослободува веднаш од пресудата од 9 години затвор во предметот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на Цановски, како и од обвинението за случајот „Траекторија“ за криминал со кинеските автопати, но неговиот камбек е можен дури идната година кога ќе застари пресудата за влијание врз Гордана Јанкулоска незаконски да набави скап мерцедес за него од парите на полицијата.

Според Коалицијата се работи за 14 судски предмети во кои се обвинети над 80 лица, а во оваа евиденција не се земени предвид случаите кои во моментов се наоѓаат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК).

„Слободен печат“ веќе пишуваше дека во пакетот за да се удоволат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за да гласаат за уставните измени е и нов закон за амнестија кој ќе ги вклучи и осудените за изборен криминал и за злосторничко здружување но само ако опозицијата гласа за уставните измени.

Груевски веќе демантираше дека имал „гости“

По првата преписка меѓу Димитриевски и Груби се јави и екс премиерот Никола Груевски и ги демантираше „сознанијата“ на двајцата:

-На секој два-три месеци им паѓа на памет спиновите да ги насочат кон мене во правец на некакви мои непринципиелни договарања со некого или нешто, заговори и слично, па веќе неколку години периодично се јавува потреба да ги демантирам, исто како што тоа го правам и сега во оваа прилика во која повторно го демантирам истото, напиша Груевски кој верува дека е „под прогон за не сторени работи“ заедно со неговите сопартијци.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот