Кој рекорд Макс Верстапен може, а кој не може да собори?

EPA-EFE/Isaac Esquivel

Холанѓанецот до крајот на Ф1-сезонава сигурно ќе собори еден рекорд во Формула 1 што го држи Себастијан Фетел од 2013 година, а никако нема да може да собори еден друг рекорд на истиот возач од 2011 година

Макс Верстапен веќе ја освои титулата во Формула 1, а сезонава постави и неколку рекорди.

Холанѓанецот до крајот на сезонава сигурно ќе го собори рекордот на Себастијан Фетел во освојување на вкупната титула со најголема бодовна разлика пред второпласираниот.

Германецот во 2013 година ја освои титулата со разлика од 155 поени во однос на Фернандо Алонсо кој беше на второто место, што е се уште актуелен рекорд.

Но тој ќе биде сигурно соборен.

Моментно Верстапен има предност пред второпласираниот Серхио Перез од 266 поени. Чеко до крајот на сезоната може да освои максимум 52 поени па дури и Макс да не освои ниеден, тој сепак ќе има предност од најмалку 214 поени, што значи веќе го има тој рекорд в џеб, а само треба да се формализира со крајот на сезоната.

Шампионот на Ред бул, сепак не може да го собори рекордот на најмногу освоени пол-позиции, што го има Фетел кој во 2011 година имаше 15 пол-позиции во 19 трки.

Верстапен моментно има 11 пол-позиции од 21 трка и дури и да биде на чело на стартот во преостанатите две трки во Лас Вегас и во Абу Даби, не може да го собори тој рекорд на Германецот.

Верстапен сезонава веќе постигна четири рекорда. Холанѓанецот веќе е на врвот на топ-листите за најмногу победи во една сезона (17), најмногу победи во низа (10), најголем процент на освоени трки (85) и најмногу освоени поени (524) пред последните две трки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот