Кочов: Без никакво опуштање против Спарс Сараево

Денеска од 18.00 часот во Спортскиот центар „Јане Сандански“, македонскиот кошаркарски шампион ќе го има последниот натпревар во 2019 година во АБА2 лигата, а ривал е Спарс Сараево од Босна и Херцеговина.

Во првиот меѓусебен дуел МЗТ Скопје Аеродром триумфираше со 65:77 против Спарс. „Штрковите“ кои сезонава се едни од фаворитите за враќање во првата АБА лига, моментно после 12. кола се на второто место на табелата со 21 бод, два помалку зад водечкиот Борац, а екипата од БиХ е на последната 12. позиција со само една победа.

Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов:

– Играме против еден физички одлично подготвен противник, кој навистина многу трча. Нивниот пласман на табелата не е реален во однос на составот што го имаат. Освен еден натпревар што го загубија убедливо, сите останати порази им беа буквално „на една топка“. Поради тоа, не мислам дека ни доаѓа лесен противник и не смее да има никакво опуштање кај моите играчи.

Стратегот на „металците“ воедно додаде дека неговите кошаркари мора да бидат подготвени за еден тежок и исцрпувачки меч, кој на крајот треба да го добијат.

Кошаркарот на МЗТ Скопје Аеродром, Ерон Харис:

– Играме на домашен терен, а тоа секогаш е мотив плус за сите во тимот. Секој противник максимално го цениме, но мислам дека доколку одиграме како што знаеме, тогаш не би требало да имаме проблеми во освојувањето на бодовите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот