Книгата „Девојката Смрт“ од чешката писателка Луцие Фаулерова е преведена на македонски јазик

Луцие Фаулерова / Фотографија: Антолог

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“, ја објави книгата „Девојката Смрт“ од Луцие Фаулерова, добитничка на Наградата за литература на Европската Унија за 2021 година.

Иако навидум главната тема во романот е самоубиството, Фаулерова изјавила дека главната тема е слободата, во смисла на тоа човекот сам да го направи сопствениот избор – дали да живее или не.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во склоп на „Креативна Европа“ на Европската Унија – Потпрограма „Култура“. Преводот на книгата е на Маргарета Карајанова, преведувач од чешки јазик и поранешен лектор по македонски јазик на Масариковиот универзитет во Брно, Република Чешка.

Авторката Луцие Фаулерова (1989) е чешка писателка. Дипломирала бохемистика на Палацкиот универзитет во Оломоуц. Во 2016 година, заедно со авторката Катерина Шеда, ја напишала книгата „Брнокс – водич низ брненскиот Бронкс“, за која ја добиле наградата „Магнезија литера“ за журналистика. Од 2014 година е редактор на книжевното списание „Алузе“.

Најголемиот успех за писателката доаѓа со објавувањето на романот „Девојката Смрт“ во 2020 година, за кој ја добива Наградата за литература на Европската Унија за 2021 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 168, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот