Тетово Болница/фотографија: „Слободен печат“/ Слободан Ѓуриќ

Клиничката болница во Тетово ќе се реконструира за 74 милиони евра, најави министерот Алиу

Клиничката болница во Тетово ќе биде целосно реконструирана, модернизирана и функционално реорганизирана преку стратешки проект вреден 4,56 милијарди денари, односно околу 74 милиони евра, најави министерот за здравство, Азир Алиу.

Според министерот Алиу, станува збор за проект кој треба трајно да го промени начинот на обезбедување здравствени услуги во Полошкиот регион.

„Проектот ќе се реализира според најдобрите меѓународни практики, преку комбинирање на државни средства и финансии од меѓународни финансиски институции, структурирани на одржлив и долгорочен начин“, објави тој.

Според министерот, со проектот е предвидена целосна реконструкција и модернизација на постојните објекти, набавка на современа медицинска технологија и опрема, како и функционално поврзување на болничките објекти со топли коридори, со цел побезбедно и поефикасно движење на пациентите и здравствениот персонал.

Дополнително, планирана е и изградба на две нови современи згради.

„Од раздвоени и амортизирани објекти одиме кон интегриран, функционален систем подготвен за иднината. Од систем што доцни, кон систем што реагира навреме“, нагласува министерот Алиу.

Како што посочува тој, оваа инвестиција „ќе создаде нова регионална здравствена установа во која граѓаните од Полошкиот регион ќе можат да добијат квалитетна здравствена услуга навремено и поблиску до местото на живеење“.

„Во соработка со Универзитетот во Тетово, професорите и студентите по медицина за првпат ќе добијат модерни и достоинствени услови за работа, практична обука и подготовка според стандардите на современото здравство“, посочи Алиу.

Во оваа болница изминативе години се појавија голем број спорни случаи, а пред неколку месеци имаше незадоволство и обвинувања за партиски вработувања.

Голема фарса од „оглас за вработување“ во Клиничка болница Тетово

Во јануари потоа пишувавме дека околу 50 лица од Тетово со признание на вина се осудени за измама кон осигурителни компании преку повреди во сообраќајки кои ги немале. Истражувањето на „Слободен печат“ откри дека заедничко за сите нив е тоа што отштетните побарувања кон осигурителните компании се врз основа на медицински извештаи со невистинита содржина, испечатени од една адреса – ЈЗУ Клиничка болница Тетово.

„Слободен печат“ открива: Клиничка болница Тетово – фабрика за лажни медицински извештаи за цедење на осигурителни компании преку сообраќајки

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот