Фото Министерство за здравство
Фото Министерство за здравство

Голема фарса од „оглас за вработување“ во Клиничка болница Тетово

Со многу печатни грешки и многу штуро образложение, кандидати што аплицирале да се вработат во Клиничката болница Тетово, биле одбивани. Станува збор за медицински лица, кои што веќе работеле во Клиничката болница, но само со договор на определено. Кога аплицирале на конкурсот за да добијат решение на неопределено, нашите извори велат дека имале чудно интервју внатре во болницата. Имено, Комисија за вработување составена од директорот, од економист и уште еден надворешен член ги прашувала како се викаат, на која позиција работат и колку долго работат. Тоа според нив била целата содржина на интервјуто. Имало и тестирање од областа на медицината.

Кога завршил процесот на селекција, истите добиле известување дека „не се избрани бидејќи покажале слабост на интервјуто и слабо познавање во врска со областа на медицина“.

Ова е апсурдно, тврди за „Слободен печат“ фармацевтската техничарка Ивона Неделковска, затоа што таа веќе 6 години работи во аптеката на болницата, работи со пациенти кои подигнуваат инсулин, ги разбира сите процедури во аптеката, ги знае лековите, пациентите а на самото интервју немало ниедно прашање од областа на медицината за да може да биде таа одбиена со образложение дека нема познавање од областа. Таа прашува како 6 години работи во болницата ако покажала слабост на тестот од областа на медицината и искрено се сомнева дека партиската припадност има вмешано прсти во изборот.

Фотографија од известување за одбивање на огласот за вработување во Клиничка болница Тетово

Таа новогодишните празници ги живее во исчекување – не е сигурна дали ќе ѝ биде продолжен договорот за вработување поради тоа што јавно обвини за мешање на партиски прсти во овој конкурс за вработување на доктори, медицински сестри и друг медицински кадар во Клиничката болница Тетово. Но, веќе му напишала писмо на премиерот Христијан Мицкоски и на министерот за здравство Азир Алиу поради многубројните опструкции и штети што ги претрпела.

За жал партиите ги вмешаа своите прсти и наместо искусен кадар, примија надворешни кандидати со партиски книшки со помалку работно искуство од мене. Се надевам ќе ја исправите оваа неправда, апелира таа во писмото.

Неделковска работи во Инсулинската аптека повеќе од 6 години без здравствено и социјално осигурување, без пристојна плата, без одмор, без слободни денови и се надевала дека ќе добие решение за работа на неопределено. Но, на нејзино изненадување примен бил кандидат што не ни работел досега во Клиничката болница Тетово туку работел во општинска зграда.

-Одбиена сум зашто „не сум покажала доволно знаење во медицината“. На сите одбиени исто ни пишува. Одиме на адвокат да пуштаме жалби да го растуриме конкурсот. Конкурсот беше објавен во јули и имавме тестирање. Се распишаа изборите, министерот доаѓаше заедно со градоначалникот во болница, ни ветуваа решенија на нас што сме подолго од 5 години таму. Изгледа за гласови. Минатиот петок на 19 декември во 20 часот во болницата на огласна табла беше истакнат списокот на примени. Веднаш го тргнаа, уште наредниот ден. Ама го фотографиравме. Таму има луѓе со образование и просек што се одбиени, изјави за „Слободен печат“ Неделковска.

Таа е децидна – кога имало интервјуа за кандидатите на огласот, се појавиле околу 500 кандидати.

-Сите во еден ходник бевме, сестри, биохемичари, доктори, 500 души. И еден по еден не викаа. Сме чекале во ходник цел ден да дојдеме на ред. Прашањата беа „име и презиме, позиција на која работите и колку време работите“. И базирано на ова интервју вчера добивме известување дека сме одбиени поради „непознавање од медицината“, шокирано ни раскажа Неделковска.

Иако е згрозена од пристапот, сепак е упорна да не отстапи во намерата да се бори за работното место.

 

-Му читавме „фала“ на Азир Алиу, аплаузи му дававме, во јули пред изборите кога дојде да каже дека ќе бидеме примени на работа, вели таа.

Фотографиите од настанот сведочат за делумно неисполнетите ветувања. На 22 јули годинава министерот за здравство отиде во Клиничката болница Тетово, се сретна со 155 медицински работници со фотографии, видеа и изјави. Информираше дека „конечно се става крај на долгогодишната неправда“

Задоволство ми е што токму првата средба ми беше тука со колегите, кои имаат еден од највиталните нерешени проблеми, а тоа е вработувањето. Некои од нив работеа и по 10 години, а дел од нив по месец или година беа и без плата за да бидат дел од институцијата. Денес по месец ипол задоволни сме што тие се веќе дел од Клиничката болница Тетово, 155 вработени чии процедури административно ги завршивме. Сега крајниот чекор е за полагање административен тест, за да може да се потпишат договорите меѓу директорот и вработените, изјави министерот Алиу. 

 

Директорот на болницата доктор Ерзен Елези не одговори на прашањата на „Слободен печат“ колку луѓе што работат во болницата со договор на дело, не беа примени на конкурсот, зошто надворешни лица биле примани ако огласот бил распишан за да се реши проблемот со оние кои работат во болницата 5-10 години а се само со договор без решение и да даде коментар за многуте обвинувања за партиски вработувања на овој конкурс.

-На состанок сум, за кратко ви се јавувам, ни напиша директорот Елези и не се јави до објавувањето на овој текст.

Завчера тој изјави дека „80 проценти од персоналот со договор на дело бил примен на конкурсот“ а за другите ќе следува нов конкурс.

-Секој има право да конкурира. Ние ги цениме поднесените документи, тестот и интервјуто. Ако кандидатот на тестот е најдобар, ама на интервјуто некој покажал нешто повеќе од тој кандидат, не може да биде примен. Законски, објаснуваше директорот на болницата д-р Ерзен Елези но немаше одговор како луѓе без ни ден искуство во болницата станале поподобни за вработување од фармацевтската техничарка што 6 години работи во инсулинската аптека во јавната здравствена установа што тој ја раководи. 

Трудовата инспекција најави вршење контрола на вработувањата во КБ Тетово а од Министерството за здравство понудија утешни зборови – оние што не биле примени на овој оглас ќе можело да се пријават на следниот во 2026 година.

Директорот Елези изјави дека вработувањата биле според законските прописи, а примени се 80 проценти од луѓето со договор на дело. За останатите кои се со договор на дело, нов конкурс следува во 2026 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот