Тобако,Трафики,Продавници на тротоар - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Тобако,Трафики,Продавници на тротоар - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Ќе се урнат десетици „тобака“, веќе се доставуваат решенија за отстранување

Градот нема градежна инспекција и затоа не може директно да дејствува против нелегалните објекти, проблем што се „влече“ низ годините, а за него говореа и претходните градоначалници. Ѓорѓиевски на оваа тема изјави дека неговата идеја е или Градот да добие градежна инспекција или пак инспекцијата да се централизира во една државна институција, а како пример го посочи Државниот градежен инспекторат

Откако скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави засилени акции за отстранување на дивопоставените објекти низ градот кои низ годините биле изградени без соодветна документација, а со тоа тие узурпираат јавни површини, велосипедски и пешачки патеки, како и зелени зони, тој дообјасни дека решенијата за отстранување веќе започнале да се доставуваат и наскоро ќе започне рушењето на овие објекти.

– Уривањето времени објекти го дискутирав уште кога бев градоначалник на Кисела Вода, земајќи во предвид дека визуелно градот не може да дојде до израз, но и практично граѓаните не можат да движат низ градот. Овој проблем не е од вчера, туку постои уште од пред осамостојувањето на Македонија, а некои се монтирани и подоцна- изјави Ѓорѓиевски во интервју за „Телма“.

Сите барања за легализација ќе бидат одбиени

Градоначалникот оваа тема последно ја начна минатата недела, кога како пример за овие нелегални времени објекти го посочи познатото „Али тобако“ на Бит-пазар, поставено директно на велосипедска и пешачка патека, што, според него, го отежнува нормалното функционирање на просторот и претставува ризик за граѓаните.

– На Бит-пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор, ќе постапуваме – истакна градоначалникот.

ФОТО | Толку од „Пласет“ и од кафеаните покрај кејот на Вардар: Се уриваат бараките од „Холидеј ин“ кон „Веро Џамбо“

Сепак, како што соопшти бројот на времените објекти кои ќе се отстрануваат изнесува помеѓу 60 и 80 низ повеќе скопски општини, набројувајќи ги Чаир, Центар и Карпош и додаде дека сите поднесени барања за легализација на овие објекти ќе бидат одбиени бидејќи Законот за легализација не важи за времените објекти.

– Вие не можете да дозволите на булевар да се легализира времен објект и согласно закон не може да се легализира времен објект. Во минатото се менувале и урбанистички планови за овие објекти да останат недопрени. Сите барања за легализација на времени објекти ќе бидат одбиени. Имаме состојби во Центар, Чаир, Карпош, станува збор за 60 до 80 објекти – рече градоначалникот.

Тој изјави дека на дел од овие времени објекти им се дозволило да узурпираат државно земјиште без да поседуваат никакво одобрение и се вршеле незаконски препродажби и истакна дека Градот е подготвен да им помогне на Општините во нивното отстранување и, како што вели, да ја заврши работата до крај и по цена да се соочи со политичка штета.

– На овие луѓе им се дозволило да узурпираат државна површина, овие објекти се незаконски и блокираат тротоари, паркови и пешачки патеки и паркинзи без никакво одобрение. Се купувало и препродавало без документи, и во најголем случај тие објекти се издавале, тоа се било незаконски. Токму затоа сум подготвен ова да го терам до крај и по цена да имам политичка штета. Токму затоа имаме направено меморандум за соработка со општините и донесовме одлуки за меѓуопштинска соработка со која, доколку се работи за индустриски објект, тобако или слично за кое општините не се во можност да постапат, а уредно имаат направено записник и одлука за постапување таму, Градот, ЈП „Улици и патишта“ и останатите претпријатија ќе им стојат на располагање – соопшти првиот човек на Град Скопје.

ФОТО | Толку од „Пласет“ и од кафеаните покрај кејот на Вардар: Се уриваат бараките од „Холидеј ин“ кон „Веро Џамбо“

Последниот објект кај „Холидеј ин“ брои денови до отстранување

Први времени објекти кои Градот во соработка со Општина Центар ги отстранија беа угостителските објекти и тобаката покрај кејот на Вардар, спроти хотелот „Холидеј ин“.

Со оваа акција целосно се промени добропознатиот дотогаш узурпиран изглед што го имаше шеталиштето на Вардар, објектите се срамнети со земја и шутот е исчистен, но на овој простор оттогаш „штрчи“ само еден, зелен објект, кој ја „преживеа“ големата градежна акција.

Според градоначалникот, овој објект сѐ уште не е урнат бидејќи сопственикот поднел барање за легализација во Општина Центар, кое му било одбиено, но по завршувањето на законскиот рок, зелената барака ќе биде урната со што ќе биде финализирана оваа акција и кејот ќе биде целосно ослободен од објекти.

– Наспроти „Холидеј ин“ има уште еден останат објект што поднел барање за легализација до Општина Центар од каде им било одбиено барањето, чекаме законски да помине рокот за постапување и потоа и тој објект ќе биде отстранет- рече Ѓорѓиевски.

Еден објект го „преживеа“ уривањето на кејот на Вардар, но наскоро и него ќе го нема

За дивоградбите во Чаир што лани ги актуализираше неговата претходничка Данела Арсовска, која целата документација ја однесе во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по што беше отворена истрага, Ѓорѓиевски одговори дека сѐ уште нема информација од Обвинителството во однос на овие пријави, кои беа доставени на 31 мај минатата година, односно пред девет месеци.

Ѓорѓиевски: Ресторани и кафулиња во училишни дворови не смее да има

Градоначалникот зборувајќи за дивоградбите се надоврза и на дворовите во основните училишта во Скопје, каде што во дел од нив се поставуваа ресторани и кафулиња, узурпирајќи го училишниот простор, а дел од овие објекти повеќе од две години немале договор ниту со Градот, ниту со училиштата.

– Ние слични вакви активности започнавме во дворовите на средните училишта, каде што некој злоупотребувал и заработувал многу, не може ресторан за свадби да има во средно училиште, не може тој да ги издава на трето лице за многу поголема сума. Дел од овие објекти во изминатите две години немале никаков договор ниту со градот ниту со училиштата, што значи дека некому му наплаќале, а кон градот немале никакви обврски – вели Ѓорѓиевски.

Тобако,Трафики,Продавници на тротоар - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Тобако,Трафики,Продавници на тротоар – Фото Слободен печат – Методи Здравев

На Градот му треба градежна инспекција

Градот нема градежна инспекција и затоа не може директно да дејствува против нелегалните објекти, проблем што се „влече“ низ годините, а за него говореа и претходните градоначалници.

Ѓорѓиевски повеќепати досега повторил дека треба или Градот да добие градежна инспекција или пак инспекцијата да се централизира во една државна институција, а како пример го посочи Државниот градежен инспекторат.

– Мене ми пречи што нема градежна инспекција во Скопје, потребна е регулација и измени на законите за некој да не прави маневри и да избегнува одговорност. Или Град Скопје да добие градежна инспекција, или пак градежната инспекција да се централизира во една институција, има Државен градежен инспекторат кој според мене треба да е највисоката инстанца кога веќе јас немам градежна инспекција, ќе знаеме дека таму треба да го посочиме проблемот- предложи Ѓорѓиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот