Ќе се изненадите кои се: Топ 10 болести што најчесто ги пребарувавме на Гугл во 2023

Фото: Global Panorama/ Flickr

Сите барем еднаш сме го посетиле Гугл и во пребарувачпт ги впишувавме симптомите што ги чувствуваме за да се обидеме да откриеме што нè мачи или како да се излекуваме, пишува „Си-ен-ен“.

Годинава најмногу нè интересираа стрептокока воспалено грло, како да се намали холестеролот и што помага при надуеност.

Всушност, ова се само некои од најпопуларните прашања поврзани со здравјето пребарувани на Гугл во САД од 1 јануари до 27 ноември 2023 година.

Еве 10 најпопуларни здравствени прашања кои луѓето ги пребарувале на Гугл минатата година.

1. Колку долго трае стрептококното воспаление на грлото?

На почетокот на минатата година во целиот свет е забележан тренд на зголемување на стрептококните болести. Луѓето кои го лекуваат стрептококното воспаление на грлото со антибиотици по правило не се заразни по три дена, според „Џон Хопкинс Медисин“ (Johns Hopkins Medicine). 

Симптомите на стрептококните воспаленија на грлото може да вклучуваат треска, болка при голтање, црвени и отечени крајници и отечени лимфни јазли. Според ЦДЦ, поретки симптоми може да вклучуваат повраќање и главоболка – но не и кашлица или течење на носот.

2. Колку е заразна стрептококата во грлото?

Вообичаено, заразено лице може да ја пренесе бактеријата на други преку респираторни капки кога зборува, кашла или кива, или преку директен контакт, како на пример, ако некој допре рани на кожата предизвикани од бактеријата, според американскиот Центар за контрола на болести и превенција (US Centers for Disease Control and Prevention.)

3. Како да го намалите холестеролот?

Сè поголем број истражувања сугерираат дека јадењето растителна, вегетаријанска или веганска храна може да помогне во намалувањето на нивото на холестерол.

Ако сакате да го намалите холестеролот, намалете го внесот на додадени шеќери, избегнувајте трансмасни киселини, заменете ги заситените масти со здрави масти, јадете повеќе влакна и вежбајте редовно.

4. Како да се ослободите од надуеноста?

Најчести виновници за надуеност се запек, синдром на иритабилно црево, нетолеранција на лактоза, прејадување, па дури и одредени лекови. Ако се борите со надуеност, избегнувајте гуми за џвакање и газирани пијалаци, како и храна која може да произведе гасови, како што се зелка, грашок и леќа.

Побавното џвакање исто така може да помогне.

Обратете се кај лекар ако заедно со надуеност имате болки во стомакот, крв во столицата, дијареја (пролив), влошување на киселини во желудникот, повраќање или губење на тежината.

5. Што предизвикува низок крвен притисок?

Кога крвниот притисок паѓа премногу ниско, на помалку од 90/60 мм Хг, зборуваме за хипотензија. Според Американското здружение за срце, нискиот крвен притисок може да биде предизвикан од долготрајно лежење во кревет, депресија, Паркинсонова болест или бременост.

Кога некој ќе изгуби големи количини на крв, тоа може да предизвика низок крвен притисок, како и одредени лекови, вклучувајќи диуретици, бета-блокатори и трициклични антидепресиви.

Хронично низок крвен притисок може да доведе до симптоми како што се вртоглавица или зашеметеност, гадење, несвестица, замор, главоболка, заматен вид и забрзано чукање на срцето.

6. Што предизвикува брадавици?

Брадавиците на кожата најчесто се предизвикани од хумано папилома вирус или ХПВ, група од повеќе од 150 вируси, а може да се шират на различни начини.

Повеќето форми на вирусот се шират преку контакт кожа на кожа или заеднички предмети, како што се крпи, според „Клиниката Мејо“. Вирусот обично се шири преку пукнатините на кожата, а иако брадавиците најчесто се појавуваат на рацете, тие можат да ги зафатат и стапалата, лицето, гениталиите и колената.

7. Зошто чувствувам гадење?

Гадењето е нуспојава на бременост или на стомачен вирус, а понекогаш и нарушувања поврзани со дигестивниот систем, како што се гастроезофагеална рефлуксна болест или пептичен улкус. Некои луѓе може да имаат зголемен ризик од гадење поради одредени лекови што ги земаат.

8. Што предизвикува прееклампсија?

Прееклампсијата е состојба која предизвикува висок крвен притисок по 20-тата недела од бременоста или по породувањето. Точните причини за прееклампсија се непознати.

Жените може да бидат изложени на поголем ризик од прееклампсија ако имале прееклампсија во претходната бременост, ако се работи за повеќекратна бременост или ако веќе имаат висок крвен притисок, дијабетес, бубрежна болест или автоимуна болест како лупус или антифосфолипиден синдром.

9. Како да престанам да ‘рчам?

Промените како губење на тежината, избегнување алкохол пред спиење, лекување на затнат нос, доволно сон и избегнување спиење на грб може да помогнат во лекувањето на ‘рчењето, според Клиниката Мејо. ‘Рчењето може да биде знак за апнеја во сон, состојба која предизвикува луѓето да престануваат да дишат во текот на спиењето.

10. Колку долго трае труењето со храна?

Труењето со храна може да трае ден-два или десет или повеќе дена, во зависност од причината, велат од Клиниката Кливленд. Труењето со храна е предизвикано од внесување одредени бактерии, како што се салмонела или ешерихија коли.

Симптомите може да варираат од благи до тешки. Најчести симптоми на труење со храна се дијареја (пролив), болки во стомакот, гадење и температура, пишува „Си-ен-ен“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот