Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Ќе гази ли македонска чизма по туѓи боишта?

Собраниската расправа повторно ја отвори дилемата за тоа кој ја носи конечната одлука за ангажман на македонската армија надвор од државата. Пратениците од Левица побараа јасни ограничувања, додека пратениците од СДСМ гласаа „против“ и сметаат дека обврските од НАТО не можат да се игнорираат.

Дали и под кои услови македонските војници треба да учествуваат во воени конфликти надвор од територијата на државата, повторно се наметнува како едно од клучните безбедносни прашања. Во фокусот е позицијата на Македонија како членка на НАТО и начинот на кој се носат одлуки за ангажман во операции што не се директно поврзани со колективната одбрана.

Прашањето доби нов интензитет по вчерашната собраниска расправа, во која беа отворени дилеми околу тоа дали постојната законска рамка остава премногу простор за политички одлуки без јасни ограничувања.

Дел од пратениците предупредија дека во современите геополитички услови, границата меѓу сојузништво и директното вклучување во конфликти станува сѐ потешко препознатлива.

Ризик и последици

Пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил-Хактан, во своето обраќање укажа токму на таа опасност.

Постојното законско решение остава опасно широк простор Владата по сопствена волја да ја вовлекува државата во воени операции што немаат никаква врска со одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет. Членството во НАТО, поради својата природа, значи отстапување на дел од суверенитетот, особено во одбраната, и ѝ остава широки раце на Владата за директно и индиректно вклучување во конфликти. Затоа Собранието треба да ја ограничи Владата, така што армијата ќе се користи само во мисии со меѓународен легитимитет, одобрени од Советот за безбедност на Обединетите нации – истакна Исмаил.

Досегашната практика на НАТО, од бомбардирањето на Југославија, преку Ирак, до Либија, додаде тој, покажува интервенции без одобрение или со злоупотребен мандат, кои резултирале со нестабилни и распаднати држави со поголеми безбедносни ризици.

Во услови на современи безбедносни аранжмани и зголемена интероперабилност, постои опасност од индиректно вклучување и без формална одлука, што веќе се гледа преку поддршката и испораката на оружје во Украина. Ова носи реални економски, енергетски и безбедносни последици, како и ризик од нарушување на внатрешната стабилност, поради што е неопходно Владата да биде ограничена и секое учество да биде засновано на меѓународно право и националниот интерес – порача Исмаил.

Сепак, предложените измени не добија поддршка во Собранието – пратениците од СДСМ гласаа „против“, додека дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ воопшто не гласаа.

Хипотетички сценарија

Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам Павле Трајанов во разговор за „Слободен печат“ вели дека за какво било вклучување на Македонија во странски воени операции е потребна одлука на Владата и на Собранието, а тоа, како што посочува, воопшто не е едноставно прашање.

Како дел од НАТО, ако сме се согласиле дека ќе учествуваме во воено-одбранбени операции врзани за некоја земја членка на Алијансата, ние мораме така да постапиме. Но, јас мислам дека засега воопшто не се размислува кон таа насока затоа што НАТО воопшто не е вклучена во конфликтот на Блискиот Исток, туку таа воена операција ја изведуваат САД и Израел против Иран. Затоа сметам дека апсолутно не треба сега ние да градиме некаков став за нешто што е хипотетичко и на тој начин да ризикуваме да си ги усложниме состојбите, односите и релациите со ЕУ и со САД – објаснува Трајанов.

Но, тој потсетува дека земјава, освен тоа што ги користи бенефициите од членството во НАТО, некогаш ќе треба и да возврати со иста мера.

Македонија релативно ја има усогласено својата надворешна безбедносна политика со политиката на ЕУ, имаме силни релации со САД, но како земја членка на НАТО не само што ги користиме бенефициите врзани за безбедноста и одбраната, ние мораме да понесеме и дел од обврските и одговорноста – изјави Трајанов.

Македонската војска на 110 место на листата најмоќни армии во светот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот