Киргистан ќе воведе државна регулација на цените на месото
Киргистан ќе воведе државна регулација на цените на месото, објави киргистанската новинска агенција КАБАР. Одлуката е донесена на состанок со кој претседаваше заменик-претседателот на Советот на министри и министер за водни ресурси, земјоделство и преработувачка индустрија Бакит Торобаев.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Целта на овој чекор е да се спречи неоправдано зголемување на цените на месото, да се контролира движењето на добитокот преку државните граници и да се воведат квантитативни ограничувања за неговиот извоз. По состанокот, Агенцијата за антимонополска регулација при Министерството за економија и трговија доби инструкции да организира континуирано следење и анализа на цените на месото низ целата земја.
Покрај тоа, Агенцијата за развој на ветеринарство, сточарство, пасишта и храна за животни во рамките на истото министерство доби инструкции да ја зајакне ветеринарната и санитарната контрола врз приватните превозници на добиток и да преземе мерки за борба против шверцот заедно со Граничната служба на Киргистан. Властите нагласуваат дека овие мерки имаат за цел да обезбедат безбедност на храната и стабилност на цените на домашниот пазар, пренесува БТА.


