Кинезите, Индијците и Саудијците не можат да влезат во БиХ – Се расипал системот, компанијата бара пари за да го поправи
Граѓани од повеќе земји на кои им е потребна виза за влез во Босна и Херцеговина во моментов не можат да патуваат во таа земја поради доцнења во издавањето визи и документи за престој предизвикани од проблеми со системот за обработка на биометриски податоци, јавуваат медиумите.
Препорачано
Ова особено ги погодува граѓаните на Кина, Индија, Пакистан, Саудиска Арабија, Бахреин и Оман, чии пристигнувања во БиХ во последните години ги подобруваат резултатите од туристичката сезона.
Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина денеска објави дека во соработка со меѓународните партнери и со Делегацијата на Европската Унија, работат на отстранување на проблемот.
„Тешкотиите ќе бидат отстранети во најкраток можен рок, по што процесот на земање и обработка на биометриски податоци во дипломатските и конзуларните претставништва на Босна и Херцеговина ќе продолжи непречено“, соопшти министерството.
Проблемите со системот, кои траат веќе три недели, дополнително ги комплицираат туристичките аранжмани, службените патувања и пристигнувањата на странски делегации.
Поправката на компјутерскиот систем во моментов не е можна бидејќи институциите на Босна и Херцеговина сè уште не го усвоиле буџетот, па затоа компанијата што го испорачала системот бара исплата пред да се поправи дефектот.
Министерството за безбедност апелира за трпение на странските државјани и истакнува дека работат на целосна функционалност на системот во најкраток можен рок, за да може патувањето во БиХ да продолжи без понатамошни одложувања.
Овие проблеми не важат за граѓаните на САД, Велика Британија, Австралија, Турција, Русија и повеќето земји од ЕУ, кои можат да влезат во БиХ и да останат до 90 дена без виза.


