Фото: Драган Митрески | Слободен печат

Нема бегање од новите биометриски проверки на граница

Европската Унија не предвидува одложување или исклучоци од новиот систем за влез и излез за одредени трети земји, вклучително и за земјите од регионот. Македонските власти бараат флексибилност за летниот период, но засега официјално е потврдено само дека се можни привремени олеснувања на одредени гранични премини во исклучителни случаи.

Граѓаните од Македонија и од другите земји надвор од Европската Унија не треба премногу да се надеваат на одложување на новиот европски систем за патување во земјите на ЕУ.

Таква можност не е предвидена во правната рамка, појаснуваат од Делегацијата на ЕУ во Македонија, додека македонските власти велат дека сѐ уште преговараат со Брисел и со земјите членки за практични олеснувања во летниот период, кога се очекуваат најголеми гужви на граничните премини.

Нема исклучоци

Европскиот систем за влез и излез, познат како ЕЕС, е систем што се применува на ниво на Шенген и важи подеднакво за сите земји учеснички. Не е предвидено одложување на неговата примена за одредени трети земји, велат од Делегацијата на Европската Унија во Македонија.

Оттаму појаснуваат дека правната рамка не предвидува понатамошно одложување или општи исклучоци за државјани на одредени трети земји.

„Правната рамка не предвидува понатамошно одложување или општи исклучоци за државјани на одредени трети земји“, велат од Делегацијата на ЕУ.

Но, како што потенцираат, земјите членки на ЕУ сепак можат да применат привремена флексибилност на одредени гранични премини, но само во исклучителни оперативни околности и за ограничен временски период.

„Европската комисија внимателно го надгледува спроведувањето на системот, а Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија го следи на терен, одржувајќи близок контакт со земјите членки“, додаваат од Делегацијата.

Течат преговорите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изјави дека не се точни информациите оти има индивидуално исклучување на одредени земји од системот за влез и за излез од Унијата.

Муцунски, одговарајќи на пратеничко прашање, изјави дека Македонија разговара со институциите на Европската Унија и со земјите членки за можност за флексибилност во летниот период, кога се очекува најголем метеж на граничните премини.

– Тоа што би можел да ја информирам јавноста е дека имаме разговори и со институциите на Европската Унија и со земјите членки, за во летниот период, кога ќе настанат најголемите гужви, да постои некаков систем преку кој ќе има олеснувања. Во моментот, бидејќи ништо не ни е официјално потврдено, за жал, и јас ништо не можам официјално да потврдам, но очекуваме како регион, соработувајќи и со земјите членки, кои и самите не сакаат вакви гужви, да има подобри услови од тие што ги имаше во последниот период – изјави Муцунски.

Тој посочи дека ова прашање го отворил и на состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ со земјите од Западен Балкан, како и на состанокот во форматот „Пријатели на Западен Балкан“ во Братислава.

– Јас бев првиот министер од регионот кој го отвори ова прашање. Исто така, разговарам и билатерално со земјите од регионот. Како еден пример, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред неколку недели исто така беше во Грција, каде што разговаравме и дискутиравме како да се најде решение колективно за целиот регион – рече Муцунски.

Тој додаде дека информациите дека граѓаните на Србија биле исклучени од ЕЕС се неточни.

– Информацијата за индивидуално исклучување на одредени земји е неточна, односно лажна вест, што се пласираше во одредени медиуми. Јас тоа го видов од медиуми во соседна Србија, затоа секогаш треба да бидеме внимателни кога читаме вакви информации и да ги следиме официјалните податоци и информации што доаѓаат од ЕУ, од земјите членки на ЕУ, но и од македонските институции. Јас наредниот ден таа информација ја нареков политички естраден настап, затоа што е апсолутно неточна – рече Муцунски.

Грците имаат „план Б“

Грција во летната туристичка сезона влегува со целосно активиран биометриски систем за контрола на патници од земји надвор од Европската Унија. Властите во Атина соопштија дека нема привилегирани држави и дека не постојат исклучоци за одредени туристи.

По информациите дека британските патници би можеле да бидат ослободени од новите проверки поради очекуваниот метеж на аеродромите, грчкото Министерство за надворешни работи излезе со став дека таква одлука не постои и дека не се разгледува привремено олеснување за која било националност.

Со новиот режим, класичните печати во пасошите се заменуваат со дигитална идентификација. Патниците при влез во Грција минуваат низ фотографирање и скенирање отпечатоци од прсти. Системот е во функција од 10 април годинава на аеродромите и копнените гранични премини низ земјата.

Грчките власти сепак оставаат можност за привремена „рачно управувана“ контрола во екстремни ситуации. На најоптоварените аеродроми, ако се создадат долги колони и застои, скенерите краткорочно може да бидат исклучени за да се забрза движењето на патниците.

Според грчките служби, ваквата можност е дозволена со европските правила во почетната фаза од примената на системот.

Граничната полиција во Грција најавува дека главен приоритет ова лето ќе биде избегнување хаос на терминалите и одржување стабилен проток на туристи, особено во шпицот на сезоната.

Системот одбил 800 сомнителни лица

Новиот биометриски систем за влез и излез на Европската Унија – ЕЕС, од почетокот на примената регистрирал повеќе од 66 милиони премини на надворешните шенгенски граници и блокирал околу 32.000 влезови на патници од трети земји.

Податоците се објавени во петтиот извештај за состојбата во Шенген, што Европската комисија го презентираше во Брисел.

Според информациите, повеќе од 800 лица на кои им бил одбиен влез биле означени како безбедносен ризик.

Летото пред врата, турканиците на границите растат – се бараат итни олеснувања поради системот ЕЕС

Тие со ЕЕС, ние со БЕС – Европо, повели на шалтер!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот