Кетрин Зета-Џонс: Понекогаш се прашувам дали Њујорк ѝ наштети на мојата кариера
Холивудската актерка Кетрин Зета-Џонс искрено проговори за тоа како животот во Њујорк, далеку од центарот на Холивуд, можеби влијаел на нејзината кариера. Иако со децении важи за едно од најпознатите имиња во филмската индустрија, 56-годишната актерка признава дека понекогаш се прашува дали згрешила што никогаш не живеела во Лос Анџелес.
Препорачано
Живот далеку од Холивуд
Зета-Џонс веќе со години живее на Источниот брег, а во разговор за магазинот „Пипл“ изјави дека не е сигурна како таа одлука долгорочно се одразила врз нејзиниот професионален пат.
„Интересно е тоа. Мајкл и јас одамна живееме на Источниот брег и често се прашувам дали тоа ѝ наштети на мојата кариера“, изјави таа.
Додаде и дека никогаш не се вклопила во она што во Холивуд се смета за задолжително – постојано вмрежување и движење во „вистинските кругови“.
„Во Лос Анџелес никогаш не се занимавав со тој холивудски нетворкинг, па искрено, никогаш нема да знам што би постигнала ако бев таму“, признава актерката.

Друштвото ѝ е сосема поинакво
Актерката, која од 2000 година е во брак со Мајкл Даглас, со кого има две деца, 25-годишниот Дилан и 22-годишната Керис, вели дека животот во Њујорк влијаел и на луѓето со кои се дружи.
„Повеќе се дружам со бизнис луѓе од Њујорк, со луѓе од Вол Стрит и од уметничките кругови“, објасни таа.
Нагласи дека тоа не е критика за Лос Анџелес, туку едноставно поинаков начин на живот.
„Овде се движиме во сосема други кругови отколку што би се движеле во ЛА“, вели таа.
И покрај сè, не изгледа дека кариерата ѝ трпи, оваа година ја очекуваат дури три големи проекти: филмот „The Gallerist“, новата сезона од серијата „Wednesday“ и филмот „Kill Jackie“.

Тајната на бракот што трае 25 години
Минатата година Зета-Џонс и Даглас одбележаа 25 години брак, а актерката вели дека нивната тајна е тоа што не обрнуваат внимание на гласините и приказните што постојано кружат за славните парови.
„Кога две познати личности се заедно, тоа веднаш станува ударна вест. Секогаш има две верзии на приказната и уште две измислици. Не се заморуваме со глупостите што се пишуваат за нас. Тоа е клучно“, изјави таа неодамна за „Сандеј тајмс“.
Вели и дека и двајцата имаат сличен карактер – независни се, директни и без проблем кажуваат што мислат.


