Цел живот сонувала да стане актерка: Кетрин Зита-Џонс денес го слави својот 51 роденден

Како што поминуваа годините, така Кетрин Зита-Џонс имаше сѐ поуспешна кариера. Освојуваше најпрестижни награди но и постојано се китеше со одлични критики од филмските експерти.

Малкумина можеа да предвидат дека токму ова девојче од Велс, родено во семејство на кројачка и сопственик на фабрика за слатки, ќе стане една од најпознатите актерки во светот.

Instagram

Како што вели таа, уште од најрана возраст сонувала да стане актерка. Затоа не е изненадувачки фактот дека Кетрин уште како девојче глумела во „West End“ во продукциите на мјузиклите „Annie“ и „Bugsy Malone“, по што се запишала на глума во „Arts Educational Schools“ во Лондон.

Во Лондон го освоила театарскиот свет со главната улога во продукција на „42nd Street“ во 1987 година.

Нејзиното деби во филмскиот свет се случило во 1990 година со француско-италијанскиот филм „Les 1001 nuits“  („Илјада и една ноќ“) кој за жал во тоа време навистина поминал лошо и кај критичарите и кај публиката.

Instagram

За среќа, ништо од ова не ја обесхрабрило Кетрин која продолжила да ја бара улогата која ќе ја направи славна!

Една година подоцна, прифатила улога во британската телевизиска серија „Lovely May Buds“, која наскоро станала голем хит.

Но Кетрин Зита-Џонс постојано се борела со она со што се борат многу жени во филмскиот свет – типизирани улоги!

Instagram

Имено, поради атрактивниот изглед, најмногу ѝ следеле улоги на убавици. За да стави крај на тоа по две години, се одлучила за поголем пресврт во кариерата и се преселува во Лос Анџелес. И не погрешила!

„Постојано се пишуваше за тоа со кого сум или не сум во врска. Бев убава девојка со големи гради и ништо повеќе. Луѓето од мојот бизнис веруваа во она што ќе го прочитаат за мене, па затоа решив да си одам и да започнам одново“, објаснува Кетрин.

Кетрин Зита-Џонс била убедена дека анонимноста што ја доживеала во Америка ѝ помогнала да добие улоги, а не нејзиниот јавен имиџ.

Во 1996 година, добива улога во филмот „The Phantom“. По овој филм добила многу позитивни критики.

Потоа добива улога во телевизиската мини-серија „Titanic“. Благодарение на таа улога, била препорачана на Мартин Кембел кој во тој момент се подготвувал да го режира „The Mask of Zorro“ со Антонио Бандерас во главна улога.

Сцена од култниот филмот „The Mask of Zorro“ / Instagram

Ги оправдала сите очекувања подготвувајќи се напорно за снимањето. Подготовките вклучувале часови по танц, јавање коњ, мечување, како и часови по шпански јазик.

По големиот успех на филмот „The Mask of Zorro“, Кетрин добила понуда што не можела да ја одбие! Мјузиклот „Chicago“ за кој на крај ѝ беше доделена најпрестижната награда – Оскар!

Паралелно со нејзината филмска кариера, Кетрин работела и на приватниот живот. Интересот на јавноста за неа започнал уште во 90-тите во Велика Британија.

Кетрин Зита-Џонс со сопругот Мајкл Даглас / Instagram

Во 1998 година на едно од нејзините патувања во Франција на филмски фестивали, официјално се запознава со холивудската легенда Мајкл Даглас, со кого делат ист датум на раѓање. Иако тој е постар од неа дури 25 години, возраста воопшто не била пречка.

„Ми рекоа дека Мајкл Даглас сака да ме запознае. Бев прилично нервозна затоа што не знаев зошто тој сака да ме запознае“, се сеќава Кетрин Зита-Џонс.

Сепак, Даглас со помош на пријателот Антонио Бандерас успеал да се запознае со Кетрин. Бидејќи тоа било вечера организирана за премиерата на филмот „The Mask of Zorro“, Кетрин имала многу обврски, Даглас ја замолил подоцна да му се придружи на пијачка во барот од хотелот.

„После половина час разговор искрено ѝ реков – знаеш, јас сум таткото на твоите идни деца.  Тоа ми звучеше сосема нормално, а потоа таа ми рече – знаеш, имам слушнато многу работи за тебе и видов доволно, па мислам дека е време да ти кажам добра ноќ“, откри актерот во едно телевизиско интервју. Потоа следеле уште неколку средби и сѐ друго е историја.

Instagram

Во август 2000 година Кетрин го роди нивното прво дете, синот Дилан. А на 18 ноември, парот се венча во Њујорк.

Тие денес имаат две деца, Дилан и Керис.  Покрај сите перипетии што им се случиле во меѓувреме, болеста на Даглас и проблемите во бракот, тие успешно се справиле со сѐ давајќи му уште една шанса на нивниот брак. А неодамна прославија и 20 години заедно.

Кетрин Зита-Џонс во текот на својата кариера со години беше на самиот врв на најубавите луѓе во светот. А во 1998 година магазинот „People“ ја стави на прво место. Во 2003 година „Esquire“ ја прогласува за најубава жена на планетата.

Тие титули несомнено може сè уште да ги носи – со полни 51 години!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот