Ќе никне ли комплекс без идеја, без ентитет и далеку од размерите во секаква смисла во строгиот центар на Скопје?

Една од најатрактивните парцели во строгиот центар на Скопје – на паркингот спроти Холидеј Ин наместо во зелен појас, го чека својот ред да се претвори во огромно бетонско здание со згради и до 30 ката, алармираат архитектите, кои стравуваат дека со огромните мегаломански структури комплетно би се задушило Скопје.

Денеска МАРХ, платформата посветена на промоција на македонската архитектура, во соработка со Институтот за комуникации објавија 3Д визуелизација од просторот, со што укажуваат на важноста за правењето сериозна опсервација пред да се направат било какви чекори кон градење на овој простор.

Мартина Штериова, во комуникација со „Слободен печат“ откри дека тие ја подигнале 3Д визуелизацијата сѐ со цел да ја поттикнат јавноста да развие свесност за какви сѐ работи се кријат зад кулисите во институциите. Што сѐ се состои во поединечните ДУП-ови, конкретно во случајов, со ДУП-от донесен од Општина Центар во 2012 би се дозволиле градби што се сосема надвор од тоа што го дозволува Генералниот урбанистички план на Град Скопје.

Таа прецизира дека е сосем неопходно да се креира детална опсервација, да се направи сеопфатна анализа за потребите на граѓаните и воопшто, на градот Скопје, пред да се започне со интервенција на просторот.

Додаде дека несогласувањата помеѓу Градот Скопје и Општина Центар се комплетно небулозни и дека нивната соработка треба да вроди плод во заедничкото планирање на функционални простори.

„Загрижувачка е огромната летаргичност кога станува збор за дејствување во прилог на општественото и колективното добро. Еднакво загрижувачки е тоа што за локација како што е оваа во самото централно подрачје на главниот град со огромни потенцијални вредности и квалитети, се планира комплекс од таков вид, којшто претставува само комплекс што може да постои било каде на друга локација и ништо повеќе од тоа. Комплекс без идеја, без ентитет, далеку од размерите во секаква смисла, без однос кон контекстот, создаден без претходна опсервација и валоризација, создаден според некаков шаблон и без обмислување на консеквенциите што потоа. Со сето ова се доведуваме само до амнезија на градот“, пишуваат од МАРХ платформата.

Тие сметаат дека „преземањето на одговорност за заедницата ни недостига сѐ повеќе, а со тоа е недостижно и созревањето во сите професионални определби“.

-Неопходно е принципиелно поттикнување на културата на развојот, отвореност кон феномените на масовната култура, одговорност за општествениот развој и ширење еден јасен и позитивен став во каков град сакаме да живееме, децидни се од МАРХ.

Погледнете ја визуелизацијата:

Извор: МАРХ

Инаку парцелата кај Холидеј Ин  со месеци е под лупа на Антикорупциска комисија која смета дека деталните урбанистички планови треба да водат сметка за стандардите и нормативите со кои се обезбедува системот на хуманост на живеењето, со плански одредби кои ќе ја штитат приватната сопственост, но на начин на кој што нема да го повредат јавниот интерес.

Земјиштето кај Холидеј ин под лупа на Антикорупциска, еве ги забелешките

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот